Струмичанец ги измами Серена Вилијамс, Навратилова, Би-Би-Си и „Адидас“

Дваесетгодишниот струмичанец Дарко Грнчаров е новата светска тениска контроверза откако за време на Австралија опен предизвика интерес од светската јавност за своите ставови за правата на хомосексуалците.

По неговата поддршка за Мартина Навратилова и за Били Џин Кинг, кои изјавија дека не би играле во Мелбурн поради хомофобија искажана од членови на клубот што го организира турнирот, Радиом Би-Би-Си објави интервју со него во кое тој раскажува дека по преживеаниот удар и состојба на кома чудесно се враќа на АТП-турнирите.

За него зборувал и водителот на програмата во Мелбурн, Џејмс Блејк, кој што рекол дека се надева еден ден да коментира големи мечеви на младиот македонски талент.

Откако Грнчаров изјавил дека добил понуда за рекламирање на „Адидас“, компанијата преку „Твитер“ му порачала „Добредојде во семејството Дарко“. Според него, негов спонзор е и компанијата за тениски рекети „Вилсон“.

Но, откако дел од светските медиуми сфатиле дека приказната за Дарко е предобра за да биде вистинита, а тој доаѓа од земја во која се измислени лажните вести, започнува да се открива вистината за него.

Пред таа целосно да се открие, Грнчаров веќе дава интервјуа за десетици светски медиуми, во кои зборува за неговата кариера како тенисер и за неговото неверојатно враќање од кома до тениските терени.

Истрагата за Дарко на магазинот „Слејт“ покажала дека тој навистина постои, но дека нема ниту еден официјален меч, иако во неговата родна Струмица давал интерјува за неговите победи. Според неговите изјави, тој победувал во Египет и во Холандија.

Единствениот меч некаде заведен е на јуниорски турнир во Подгорица, каде што загубил без добиен сет од Никола Вукотиќ, тенисер кој има само една победа во седум години јуниорски тенис. Единствен натпревар официјално заведен е во Шарм ел Шеик, но мечот, според официјалните информации, е предаден. И покрај тоа, Грнчаров на медиумите во Струмица им раскажал дека тој победил против руски и германски тенисери, што било пренесено во неговиот роден град.

По овој „успех“ започнува приказната за големата ѕвезда, која е следена и ретвитувана на социјалните мрежи од околу 200 различни профили поврзани со него и кои што објавуваат информации за него во исто време. На овие профили се бара Грнчаров да биде гостин на шоуто на Елен Деџенерис, геј икона на американската телевизија, а се пишува и за љубовта на 1,5 милиони вредниот Дарко кон Никол Шерцингер.

Поради неговите пофалби за неа, Дарко почна да биде следен на „Твитер“ и од Серена Вилијамс.

Дел од профилите станувале агресивни и се заканувале, а ова најдобро го почувствувала канадската тениска новинарка Штефани Мајлс, која добила закани откако се посомневала во вистинитоста на приказните за Дарко.

Во јули Грнчаров објавил дека по една година во кома му се вратила свеста и сега е посилен од пред ударот. Лагите поврзани со него вклучуваат дека неговиот сервис патува со брзина од 183 км на час, што е меѓу побрзите во светот, и дека соработува со српскиот тенисер Виктор Троицки, кој изјавил дека воопшто не знае кој е Дарко.

Медиуми од Франција, Индија, Шпанија, Србија, Италија, Аргентина и Јапонија продолжуваат да пишуваат за македонскиот тениски феномен, иако нема никаков доказ дека освен на социјалните мрежи тој навистина постои во светот на тенисот.

Последно од него е видеото во кое тој се подготувва за враќање, а во кое има различни тенисери – некои играат со лева, некои со десна рака.

Но, тениските фанови не ги интересира вистината, особено откако тој почна да се залага за геј правата, за што поддршка доби од Мартина Навратилова, која му напиша „Со среќа Дарко“.

Во деветминутното интервју за Би-Би-Си на 15 јануари Грнчаров е претставен како „младиот македонски тенисер кој наскоро ќе биде дел од АТП-турнир и кој ќе го бојкотира главниот терен во Мелбурн ако добие шанса поради хомофобијата присутна таму“.

Во меѓувреме, бројот на неговите следбеници на социјалните мрежи расте од ден во ден.

Оставете коментар