Повици од сите страни за ослободување на Едмонд Темелко

Македонско друштво „Илинден“ од Тирана и неговиот огранок од Голо Брдо денеска се наредија на долгата низа партии и организации на Македонци од разни страни на светот што бараат ослободување на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.

Преку заедничкото соопштение потпишано од претседателите Никола Ѓурѓај и Или Халилај бараат „итно ослободување и апелираат до македонските институции итно да ги преземат сите потребни чекори за да помогнат да се дозволи потребната лекарска нега за Едмонд Темелко“.

„Држењето во затвор на Едмонд Темелко го оценуваме за антимакедонско и со долгорочни последици по положбата и правата на Македонците во Република Албанија“, се вели во соопштението.

Вчера реагираа ВМРО-ДПМНЕ и Обединета македонска дијаспора (ОМД).

„Од 26 септември до сега, Едмонд Темелко е во притвор и криминалната власт го држи во нечовечки услови. Едмонд Темелко, освен што е градоначалник на Општина Пустец и борец за правата на Македонците во Албанија, е семеен човек и татко на две деца. Едмонд Темелко има сериозна болест од која што секој ден му е загрозен животот“, соопштија од партијата со најмногу пратеници во македонското Собрание, додавајќи дека притвореникот сам не може ни да стане од кревет, не може сам да се пресоблекува и да ги извршува физиолошките потреби, има проблеми со дишењето, со хранењето и со движењето, со вртоглавици, со внатрешните органи и секојдневно се бори со неподносливи болки во мускулите и во зглобовите. Со еден збор, тој нема соодветна здравствена нега, бидејќи таа не може да му биде пружена во истражниот затвор во Шуто Оризари, и секој ден успева да го преживее благодарение на помошта што ја добива од друго притворено лице.

„Ова се условите во кои Заев ги држи оние кои ги смета за политички неистомисленици, политички противници. Ова е третманот што го добиваат оние кои не се согласуваат со политиките на режимот на Зоран Заев. Едмонд Темелко веќе два месеца, секојдневно се бори за сопствениот живот во нехумани услови затоа што Заев, СЈО и судовите под нивна контрола решиле да му се одмаздуваат“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

ОМД побара итно ослободување на добитникот на нејзината награда за човекови права во 2010 година, истовремено предупредувајќи за „селективниот пристап на Специјалното јавно обвинителство, со што се крши правото за недискриминација“.

„Ја потсетуваме македонската јавност дека за време на неговиот градоначалнички мандат Темелко се има покажано како посветен борец за човековите права на македонското малцинство во Пустец, како и во останатите делови од Албанија, осигурувајќи негов третман со должна почит и достоинство. За време на неговата активност на албанската политичка сцена Темелко се има покажано како столб на толеранцијата, плурализмот и еднаквоста на Македонците во Албанија. ОМД се надева дека Темелко ќе продолжи да ја извршува оваа функција уште многу години“, се вели во соопштението.

Загриженост за здравствената состојба на Темелко изразија и неговата партија Македонска алијанса за европска интеграција, како и Македонска алијанса на Ѓорѓија Џорџ Атанасоски. За единствениот Македонец градоначалник надвор од границите на Македонија стана збор и на средбата меѓу албанскиот претседател Илир Мета и неговиот македонски домаќин Ѓорге Иванов пред три дена во Скопје.

Оставете коментар