Loading...

Петиција од Македонците во Австралија со која се бара владата во Канбера да го признае уставното име на република Македонија ќе биде упатена до австралискиот парламент.

Неколку илјади Македонци веќе ја потпишаа петицијата (EN0512) на веб-страницата на Парламентот на Австралија, која ќе биде упатена до претседателот на Претставничкиот дом и членовите на Претставничкиот дом.

Според австралискиот закон, електронска петиција треба во рок од четири недели да собере што е можно повеќе потписи пред да биде презентирана од страна на претседателот на парламентот на Комитетот за петиции.

Со петицијата се повикува Австралија да престане да ја користи референцата „Поранешната Југословенска Република Македонија“ и да го признае уставното Република Македонија како што тоа го сторија 140 членки на ООН, вклучувајќи и четири од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН (Велика Британија, САД, Русија и Кина).

„Во духот на демократијата, основните слободи, почитувањето на човековите права и достоинството и владеењето на правото, Австралија, исто така, треба да ја признае Република Македонија според нејзиното историско и уставно име… Го повикуваме Претставничкиот дом да го следи примерот на Велика Британија, САД, Русија, Кина, Канада и 135 други земји“, стои во петицијата.

Весникот „Неос Космос“ кој се дистрибуира во грчката дијаспора пишува дека единствен начин да се блокира оваа петиција е грчките Австралијци да започнат свој петиција, барајќи од австралискиот парламент да не ја признава Република Македонија како Република Македонија, со надеж, се разбира, дека Грците ќе соберат повеќе потписи“.

Грчки активисти од пан-македонското здружение на Нов Јужен Велс подготвуваат и петиција – писмо до владата во Атина против прифаќањето на името Македонија, а рокот за собирање потписи е продолжен до 14-ти март.