Онлајн изданието на српскиот весник „Вести“, по вчерашната репортажа и денеска објави напис за масовниот собир на македонските иселеници во Мелбурн во неделата, пренесувајќи ја нивната порака уште во насловот: „Нема трговија со името Македонија“.

„’Не мораме да докажуваме кои сме, ниту на Грција, ниту на Европска унија. Ние сме тоа што сме. Ние сме Македонија’. Ова е една од клучните пораки што се слушнаа на неделниот протест на македонската заедница од Викторија, одржан пред Парламентот на Викторија“, пишува весникот во поднасловот.

„Повеќе илјади членови на македонската заедница од Мелбурн, Џилонг и од други градови излегоа, како што наведуваат организаторите, за во името на дијаспората да им порачаат на властите во Скопје дека единствени се кренале „во одбрана на македонското уставно име, идентитет, јазик, национален суверенитет и безбедноста на земјата“. Актуелната влада на Зоран Заев е обвинета (како што рекоа насобраните – ‘илегално избраната влада’) дека ги урива националните интереси на Македонија и нејзините вредности“, се додава во написот на „Вести“.

Освен приведувањето на еден маж, кој, според неофицијални информации, се обидел да ги испровоцира демонстрантите, репортерот на „Вести“ вели дека не забележал ниту еден поголем инцидент.

„Сакаме да испратиме силна порака дека го поддржуваме нашиот народ во Македонија и дека заедно ќе го штитиме името на државата, нејзиниот јазик, култура, идентитет. Како никогаш порано, сега мораме заеднички да работиме за да испратиме јасен и координиран политички отпор на постоечките закани за Македонија, кои доаѓаат од внатрешни и од надворешни фактори“, се слушна на собирот пред Парламентот, пред да упатат директна порака во Македонија.

„Македонските политички лидери, законодавната власт и дипломатите не успеаја да ги заштитат основните национални интереси и вредности. Тоа е нивна правна и морална обврска да ги штитат македонското име, идентитет, јазик и култура пред кој и да е НАТО или ЕУ стратешки приоритет и обврски. Никој нема мандат да преговара во името на нашите предци, сегашните и идните генерации на Македонија, кои живеат во или надвор од земјата. Ќе ги сметаме за предавство сите политички лидери, членови на Парламентот, дипломати и други кои го поткопуваат меѓународниот статус на Македонија, кршејќи ги нејзиниот Устав и човековите права на нејзините граѓани и на нејзината дијаспора“, беше порачано на собирот во Мелбурн.

Со декларацијата се повикани и НАТО и ЕУ да престанат со мешање во внатрешните и во надворешните работи на Македонија.

„Ја отфрламе вашата лажна демократија и вашата поддршка на терористите, неонацистите, шовинистите и иредентистите. Запрете ја специјалната војна што ја водите против Македонија од почетокот на нејзината независност. Престанете да вршите притисок врз Македонците да мислат дека мора да направат скапи и безусловни отстапки заради мирот, безбедноста и развојот“, беше кажано во Мелбурн.

Со декларација се повикани Федералната влада и Парламентот конечно и тие да ја признаат Македонија под уставното име, како и 137 земји во светот, меѓу кои САД, Русија, Кина, Велика Британија, Канада, Индија, Индонезија итн.

„Доста е со мешање во австралиската демократија и американската и неодрќлива надворешна политика кон мирољубивата Македонија и нејзината дијаспора“, порачаа од собирот, пишува „Вести“.