Одбраната на уставното име на Република Македонија е заеднички именител за настојувањата на Македонците во Австралија, пишува српскиот весник „Вести“ во репортажата од неделниот протест на македонските иселеници во Мелбурн.

„На Македонците собрани на митингот во Сиднеј им поставивме едноставно прашање – зошто излегле на улиците. Одговорот е единствен: ‘Наша должност е да го заштитиме името на државата’.

Тоа ни го потврди и Дени Стојчевски, кој дошол на демонстрациите со семејството, со споругата и со трите сина.

‘Ние сме тука поради нашето име, бидејќи денеска во светот го доведуваат во прашање нашиот идентитет’.

‘Не можат тие нам името да ни го одземат’, додава Детка Тошевски. ‘Тоа име е наше, име на нашите дедовци и прадедовци, наше и ќе остане’.

Нејзината пријателка Нада Палевски вели: ‘Нема друга Македонија, туку една и единствена. Ние сме се родиле како Македонци ќе умреме како Македонци.

Третата од нивната група, Афродита Каровска, истакнува: ‘Македонија е нашиот идентитет и така треба да остане’.

Семејството на Љупчо Петроски беше едно од најбројните семејства собрани тука.

‘Наша цврста намера е да го заштитиме нашето име македонско. Ќе успееме ли во тоа? Ќе успееме! Бидејќи зад нашето име се нашата култура, нација, јазик, сè’, ни велат тие.

Нада Ристевска истакнува дека очекуваат поддршка од Канбера.

‘Македонија им припаѓа на Македонците. Доста ни е од грчката политика и доста ни е од целите на другите земји, кои мислат дека полагаат право на Македонија. Таа постоела многу порано отколку што Грција настанала. Ние сакаме целиот свет да ја признае Македонија. Исто така, како австралиски државјани, очекуваме Австралија да ги поддржи нашите напори’, вели таа.

Меѓу демонстрантите беше и 80-годишната баба Родна Лазаревска Пашковска.

‘Обврска на Австралија е да не признае измена на името на Република Македонија. Ние сме тука Македонци, живееме за оваа земја и се бориме и за Австралија, и за Македонија. Тие сакаат да ни го прекрстат името на нацијата, на државата, на црквата. Австралија треба да ни помогне сето тоа да запре’, вели баба Родна и извикува: ‘Да живее Македонија!’.

Еден господин додава дека во Австралија е 52 години.

‘Австралија ми даде парче леб за да живеам. Но, не ја заборавам родната земја Македонија’“, пишува во репортажата на „Вести“ од протестот на македонските иселеници во Мелбурн за одбрана на името на татковината и на сопствениот идентитет и јазик.