Македонците од Голо Брдо и Гора целосно отсечени од светот

Обилните врнежи од снег, присутни последните деновиве и на територијата на Албанија, ја блокираа областа Голо Брдо, а ништо подобра не е состојбата и во областа Гора, и двете населени места главно со Македонци.
Во овие ридско-планински подрачја, дебелината на снежната покривка достигнува, на одделни места и над еден метар.

Со соопштение во кое предупредуваат на проблемите со снегот во областа Голо Брдо, се огласи македонското друштво „Илинден“.
„Како резултат на обилните врнежи од снег, сите патишта што го поврзуваат областа Голо Брдо се целосно блокирани. Отсечени се селата Требиште, Клење, Стеблево, Мало Острени Врница, а и патот кон граничниот премин Требиште – Џепиште што го поврзува Голо Брдо со Македонија се непроодни. Жителите апелираат до надлежните органи да преземат мерки патиштата да бидат пробиени“, стои во соопштението на „Илинден“.

Се посочува дека од посебна важност е патот до преминот, бидејќи, во вакви временски непогоди, жителите од Голо Брдо, кога станува збор за итни случаи на болни, истите ги транспортираат до Општата болница во Дебар, поради близината.

SHARE