Loading...

Кирјакос Хараламбус, Грк од Кипар и член на Кабинет за европска добрососедска политика и преговори за проширување, со две реченици одговори на опширната декларација од протестот за одбрана на унитарноста на Република Македонија одржан на 27 јануари во Асти, Италија, упатена до претседателот на Европска комисија, Жан-Клод Јункер, и до комесарот за проширување Јоханес Хан.

„Европска комисија целосно ги поддржува напорите на Обединети нации за решавање на спорот за името меѓу двете влади. Напредокот во прашањето за името ќе биде важен чекор за европската перспектива на целиот регион и во корист на двете земји“, се вели во одговорот на Хараламбус во името на Јункер и на Хан.

На ова реагираат од Македонско волонтерско здружение „Камен мост“ од Канели, организатор на протестот од кој беше испратена декларацијата од девет точки, потпишана од околу 300 учесници.

„Голем цинизам од Јункер и од Хан е што ни одговорија преку грчки помошник. Како можат непристрасно да дејствуваат во однос на нас преку Грци, а никогаш не слушнале македонски граѓани, туку само корумпирани македонски политичари? Грција како членка на ЕУ ја користи својата позиција за да уценува, па дури и да исмева помала држава“, вели претседателката на здружението, Илона Захариева.

Хараламбус беше во центарот на скандалот пред доаѓањето на Хан во Скопје минатиот март во екот на протестите на „За заедничка Македонија“, кога тогашните опозициски медиуми објавија твит со пораката „почитувајте ги демократијата и парламентарното мнозинство, не подгревајте меѓуетнички тензии“, тврдејќи дека е од еврокомесарот, а, всушност, го постирал Гркот од неговиот тим! Тој е и потписник на петицијата од 2016 година на грчката Панмакедонска асоцијација од САД, со која од Вашингтон се бара повлекување на признавањето на Македонија под тоа име. Во описот на неговото работно место стои „односи со Косово, Србија и поранешна југословенска Република Македонија“ и „подобра регулација и владеење на правото, вклучувајќи миграција и домашни односи“.

Покрај прекин на преговорите за името, повлекување на Законот за употреба на јазиците, осуда на Тиранска платформа, попис, ослободување на притворените за 27 април, предвремени избори и слично, во декларацијата на Македонците од Италија стои и:

„Бараме од европските влади и од сите народи со кои веќе сме поврзани и со кои делиме исти морални, етички и демократски вредности, да го свртат вниманието кон Република Македонија и правилно да му пристапат на нашиот проблем, како и да се заложат за почитување на пресудата на Меѓународен суд на правдата од 2011 година. Од опстанокот на нашата држава Република Македонија зависи и стабилноста на овој дел од Европа. Ние не бараме многу, освен да се нарекуваме со нашето име МАКЕДОНЦИ, да го говориме нашиот јазик МАКЕДОНСКИ и да не бидеме уценувани. Многу е???“.