Македонската заедница во САД се обрати до претседателот Доналд Трамп да се заложи за решавање на македонското прашање.

„Македонците сакаат членство во ЕУ и во НАТО, но не по цена на името на Македонија и на македонскиот идентитет и јазик.

Со цел да се реши оваа македонска загатка, повеќе од половина милион членови на македонско-американската заедница и на глобалното движење ‘Ние сме Македонија’ го повикуваат претседателот Трамп и секретарот Тилерсон да му дадат инструкции на нашиот амбасадор во Обединети нации, Ники Хејли, и на нашите амбасадори во сите земји на НАТО и на ЕУ да извршат притисок за спроведување на следните мерки со цел да се обезбеди брзо и успешно решавање на овој спор:

(а) да се побара од Советот за безбедност на Обединетите нации да ја повлече Резолуцијата 817;
(б) да се стави крај на 25-годишната политика на ОН/ЕУ/НАТО на обраќање на Македонија со ‘поранешна југословенска Република Македонија’ и да ја признаат земјата со нејзиното вистинско име Република Македонија;
в) да се прогласи Привремената спогодба во ОН од 1995 година за ништовна и неважечка, со оглед на одлуката на Меѓународен суд на правдата од 2011 година;
(г) да се затвори канцеларијата на специјалниот пратеник за Македонија, Метју Нимиц.

До донесувањето на сите овие мерки нема да има вистински потенцијал за правда во служба на македонскиот народ, кој секојдневно е дискриминиран во Грција и во Југоисточна Европа.

Како олицетворение на меѓународните норми како што се самоопределување, човекови права и усогласеност со меѓународното право и инспирирани од зборовите на Мартин Лутер Кинг Џуниор: ‘Неправдата насекаде е закана за правдата насекаде’, САД имаат обврска да ги надминат националната политика и да проговори против неправдите што се извршуваат против Македонија и македонскиот народ. Затоа, ја повикуваме администрацијата на Трамп веднаш да преземе акција по ова прашање и да го потврди силното пријателство меѓу САД и Македонија. Веруваме дека ова прашање е клучно за иднината на улогата на Македонија во меѓународната заедница и за односите САД-Македонија“, стои во обраќањето до американскиот државен врв на чело со претседателот Трамп, лиферувано преку Обединета македонска дијаспора (ОМД) и глобалното движење „Ние сме Македонија“.