Македонци излажани, купиле фалсификати од Демијан Хирст

Македонски граѓани се дел од меѓународната мрежа за трговија со фалсификувани дела на познатиот британски уметник Демијан Хирст која што ја истражува Њујоршката полиција.

Македонците во овој случај не се криминалците туку оштетените затоа што плаќале како за оригинали мислејќи дека нашле канал за ефтини дела на Хирст.

Во полициската операција засега се уапсени тројца луѓе кои што преку интернет продавале фалсификувани дела на Хирст кој се смета за еден од најпочитуваните уметници во модерната уметност.

Според јавното обвинителство во Менхетен тројцата трговци продавале лажни уметнички дела на Хирст за сума од 3 до 18 илјади долари иако неговите дела на уметнничкиот пазар достигнуваат милионски суми.

Фалсификатите  се продадени во  САД, Канада, Германија, Италија, Јужна Африка, Тајван, Јужна Кореја како и од Македонија.

Полицијата во Њујорк не ги открива имињата на тие што платиле за фалсификуваните дела.

Трговецот со уметнички дела од Њујорк Џозеф К. Левин за американските медиуми вели дека лажни дела на Хирст можат да се најдат насекаде на интернет особено на сајтови за продажба како Ebay каде што неговите обожаватели лесно можат да се излажат да купат наводно негови дела со невобичаено ниски цени.