Манастирот во село Рајчица

Mанастирот во селото Рајчица, во непосредна близина на градот Дебар, односно во неговото предградие на само 2 км од центарот едно од најважите места за македонската црковна традиција и култура воопшто . Тој е женски манастир и е метох на познатиот и најбогатиот македонски Бигорски манастир. Овој манастир се претпоставува дека е основан во почетокот на XIV век, како метох на Бигорскиот манастир Свети Јован во Дебарското поле. Точната година на изградба на манастириските конаци е 1835 година во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник.
„Црква „Св. Ѓорѓи“ – Рајчица“.
Црквата е посветена на Св. Ѓорѓи Победоносец и била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година од зографот Михаил и монахот Данаил од Бигорскиот манастир, а додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче. Се до 1945 година во манастирот опстојувало братство кое било забрането од комунистичката власт, а манастирот бил претворен во коњушница. До 1999 година овој манастир беше руиниран и во рушевини, но благодарејќи на иницијативата на игуменот на Бигорскиот манастир архимандрит Партениј (со братството), манастирот беше возобновен, а воедно беше возобновено и женското монашко сестринство кое денес има сестринска соработка со манастирот „Рождество на пресвета Богородица“ од Бостон, САД. За манастирот е интересно да се спомене дека во него рачно се изработуваат митри (круна, дел од богослужбените одежди на православните епископи) кои ги носат владиците на МПЦ, но и владиците во Бугарија, Србија, Грција, Романија, како и во Вселенската патријаршија во Цариград. „Свети Ѓорѓи Победоносец“ .
Во манастирот се чуват делови од моштите на Свети Јован Кукузел и Свети великомаченик Георгиј Победоносец како и честица од Чесниот Крст .Сега е еден од најубавите македонски манастири и секоја година традиционално се празнува Ѓурѓовден, што воедно е и селска слава на селото Рајчица на која традиционално покрај дебарчани, присуствуваат и гости од други градови во Македонија (Охрид, Гостивар, Битола, Скопје, Кочани и др.).

Параклисот посветен на Григориј Палама, Нектариј Битолски и Јован Кукузел е од поново време. Осветен е во 2006 година.[1] Во него се чуваат мошти на патронот Свети Јован Кукузел.

SHARE