Манастирот Свети Никола Шишевски е македонски православен христијански средновековен манастир во близината на селото Шишево, високо над карпите во кањонот Матка од десната страна на реката Треска.
Манастирот Свети Никола Шишевски, е сместен високо на една зарамнета тераса на карпите, над десниот брег над вештачкото езеро Матка над реката Треска. Теренот е недостапен за моторни возила и планински велосипеди и е единствено достапен пеш од три правци: од мостот на реката Треска во близина на кајакарските терени кај манастирот Света Богородица вo Долна Матка од селото Шишево како и од врвот на планината Водно. Од градот Скопје е оддалечен 18 километри, а од селото Шишево околу 3 километри. Од спротива на манастирот долу крај езерото се пружа прекрасна глетка на позната црква Манастир Свети Андреја.

Точниот датум на изградбата на манастирската црква посветена на Свети Никола е непознат. Сепак постои податок дека црквата била изградена или обновена во 1345. година од страна на поп Ненад и други ктитори. Во еден препис на манастирски Поменик се споменува дека во подигањето и живописувањето на постарата црква помагал кралот Марко, така што нему може да му се припише ктиторството. Имајќи го предвид овој податок, како и податокот дека ктитор на блиската црква од спротива, посветена на Свети Андреја, бил братот на Крале Марко, Андријаш, може да се заклучи дека овој манастир датира од втората половина на XIV-от век. Не се знае точно кој бил ктиторот и на новата црква, а се претпоставува дека лично се заложил скопскиот митрополит Симеон.


Манастирската црква се состои од две градби, а над влезот на црквата постои голема фреска од светецот Свети Никола, патрон на црквата.

SHARE