Манастирскиот комплекс „Св. Наум“ се наоѓа на околу 29 км од Охрид во карпите над Охридското езеро. Опкружен со божествена природа, помеѓу бескрајното синило на езерото и високиот планински масив на Галичица, стои како сведок на средновековието и зрачи со убавина, култура, историја и традиција. Најубавиот дел од комплексот е прекрасната црква од камен и тули со форма на впишан крст.
Во времето на турското владеење, црквата била целосно разурната. Денешната црква била изградена во периодот помеѓу 16 и 17 век врз темелите на старата црква. Сегашните фрески на ѕидовите на црквата биле насликани во 1806 година. Интересен елемент во црквата е и нејзиниот иконостас во позлатена резба, изработен во 1711 година, заедно со повеќето икони.
Во манастирот „Св. Наум“ доаѓаат бројни намерници да го посетат гробот на светителот. Тоа е засолниште за болните, особено за оние со душевни болести. И денес, кога ќе ставите уво на неговиот гроб, се слуша чукањето на неговото срце.
Манастирот го красат и преубавите пауни или рајски птици кои се сметаат за симбол на христијанството и кои ги има во изобилство. Велат дека нивните крикови се слушаат дури до изворите на Црн Дрим. Толку многу убавина на едно место. Тука сигурно ќе го пронајдете својот духовен мир…