Мартин Анастасовски за грчкиот националистички мит (1)

Дипломецот на американскиот универзитет Монклер во студија за односите меѓу Македонија и Грција под наслов “ТЕСНИОТ ГРЧКИ НАЦИОНАЛИСТИЧКИ ПОГЛЕД НА МИНАТОТО ГО ПАДНА ИСПИТОТ НА СЕГАШНОСТА” објаснува дел од прашањата кои што досега македонската наука и медиумите не ги покренале како релевантни.

Пишува: Мартин Анастасовски

Изјавите на медијаторот Нимиц по средбите што тој ги оствари на втори февруари со претседателот Ѓорѓе Иванов и министерот за надворешни работи Никола Димитров, предизвикаа заедничка согласна нота од страна на грчкиот дипломатски корпус. Оваа изјава го утврди ставот на владата на Грција во однос на идентитетот на македонците и патем за првпат во преговорите Грција истакна дека идентитетот е предмет на промена и мора да биде редефиниран доколку Македонија сака да стане член а НАТО и ЕУ.

Изјавата на грчката дипломатија всушност беше предизвикана од изјавата на Нимиц во која тој кажа дека за време на неговата посета на Грција тој не слушнал искази од грчката страна што задираат во македонскиот националнен идентитет. Весникот Екатимерини пренесе порака од грчки дипломатски извори во која се истакнува „јасната позиција во однос на проблемот со идентитетот на малата балканска нација“…

„Ние не ги толкуваме изјавите на господинот Нимиц и тој не би требало да ги толкува нашите позиции. Според грците, словенското население на БЈРМ не може да има македонски идентитет или јазик бидејќи Македонците се дел од грчката историја уште од времето на воините-кралеви на древната Македонија“.

Токму од зад ова главно упориште во преговорите, кое се темели врз древната историја, Грција е одлучна да го погази правото на самоопределување на македонците и на тој начин да присили друга нација да го фрли во заборав своето национално паметење и потоа да си замисли нов идентитет, доколку сака да постои како нација во рамките на државата во која постои. Дури и на пилците низ европското пространство им се провидни апсурдните барања на Грција, како и тоа дека древната историја, како потполно непрактична област за носење констатации, се натура како проблем во реалната сфера на меѓународните односи и геополитиката. Што може Македонија да направи наспроти сево ова?

Македонија не е вична да собере меѓународна поддршка која ќе и нанесе притисок на Грција да го прилагоди нејзиниот став наспроти ситуацијата. Доколку спорот со името продолжи и Македонија не стане дел од НАТО и ЕУ, притисокот ќе биде врз Македонија – велат политичките аналитичари во државата. Тоа и се подразбира со оглед на изборот на начини преку кои може да се присили една мала земја што има разни внатрешни проблеми. „Некој“ може да ги „испрати“ албанците, на пример, преку било кој настан што може да се искористи за јавни националистички егзибиции чија цел ќе биде да се иритира остатокот од населението и да се одоговлекува стагнирањето, или пак, ако милуваме, спорадичниот напредок. Или пак „било кој“ може да употреби финансиски трикови што ќе им залепат разни тарифи на македонските извозни продукти со цел да се упати серија удари на домашната економија.

Па се покрева прашањето, која е крајната точка на претставата? Дали Македонија мора да капитулира за да се одмрси чворот на сила, или пак сме способни да се надминеме сите ние на Балканот и да му направиме услуга на овој неупатен регион, бидејќи од зад решенијата ќе следуваат повеќе напредок и корист за сите, отколку што тоа можат да ни го донесат националистите со стиснати тупаници. Се што е потребно е да се покаже добра волја.

Но, да се вратам на грчкото упориште во древната историја, зад кое стојат и закоравените како и латентните грчки националисти. Сметам дека е нужно да се потсетат грчката дипломатија и научните и образовни институции на оваа земја, за тоа дека нивните ставови во поглед на древната историја се крути и еднострани и неразумни, и како такви не оставаат место за отворено толкување на податоците и не дозволуваат дијалог. Доколку древната димензија на спорот за името некогаш бил оставен на експерти на таа тема, нејзината улога ќе беше намалена во помалку битен фактор на одлучување во крајното решение.

Во споредбен контекст, ако историјата е толку „осетлива“ тема за грчката држава, тогаш таа е од подеднаква или поголема важност за иднината на целиот Балкан. Конректно – државно-нарачаните или поддржани конструкти на модерните националните идентитети кои не се вкоренети во современите предизвици и визиите за иднината се во зачеток антидемократски и непопустливи наспроти еволутивните процеси на регионалната интеграција. Друг поглед во таа насока ни предочува дека без значителен труд во интеграцијата земјите на Балканот ќе продолжат да бидат во економската периферија или пак ќе се слизнат подалеку од европското средиште.

Па се прашувам, што е решението за тврдиот државно-нарачан и државно-поддржан ултиматистички национален наратив (Македонија е Грчка) кој причинува толку многу непотребни невољи во овие незгодни времиња и кој и пркоси на идејата на европската визија за иднината? За почеток, треба да ја согледаме потребата од расклопување на било кој националистички мит или наратив кој стреми да издигне една нација наспроти други (или сите останати)(1).

Тоа мора да биде така бидејќи овие митови, кои во потентната форма на ексклузивниот национализам, секогаш ќе бидат бариера на напредокот, како што токму овој мит е железна врата наспроти достојното решавање на спорот со името, затоа тоа што е игнорантен за фасцинантната комплексност на настанувањето на овој историски, јазичен и културно разновиден и многуслоевит регион на Европа.

Продолжува