Loading...

Најмалку 17 жртви е билансот на нападот врз гимназијата во Паркланд на источниот брег на Флорида, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Брауард, наведувајќи дека напаѓачот е уапсен.

Неговиот идентитет сè уште не е потврден, но „Мајами хералд“ пишува дека станува збор за 19-годишниот Николас де Хесус Круз (Николас Исус Христос), некогашен ученик во средното училиште, кој порано бил заведен во евиденцијата како „потенцијално опасен“ за своите бивши соученици.

„Засега имаме 14 жртви и тие се префрлени или се префрлаат во две болници во Брауард“, напиша канцеларијата на шерифот на „Твитер“, не наведувајќи з акакви повреди станува збор.

Сенаторот на Флорида, Бил Нелсон, за „Фокс њуз“ изјави дека „има многу мртви“.

Директорот на училиштето Роберт Ранси рече дека „има многу мртви“ и дека „ситуацијата е ужасна“.

„Ова е ужасен ден за нас“, рече тој.

Нападот се случи во време кога завршуваат часовите во средното училиште „Марџори Стоунмен Даглас“ во Паркланд, меѓу Бока Рејтон и Форт Лодердејл, која има околу 2.000 ученици.

Како што потврди шерифот, напаѓачот е уапсен, откако извесно време бил во бегство.

„Лани ни кажаа дека му забраниле пристап до училиштето, бидејќи, наводно, им се заканувал на другите ученици“, раскажа професорот по математика Џим Гард, кој извесно време му предавал на Круз.

„Одненадеж се слушна бучава, навистина беше гласно. Луѓето се испосокрија по ормарите, многумина плачат“, напиша по СМС на локален новинар еден од учениците што останаа во зградата.

На местото на настанот стигнаа голем број интервентни екипи, целото подрачје е евакуирано, ангажирани се и специјалци.

„Моите молитви и сочувство е со семејствата на жртвите на ужасната пукотница во Флорида. Ниту едно дете, учител или кој било друг не би смеело да се чувствуваат небезбедно во кое било американско училиште“, напиша во својата прва реакција на „Твитер“ американскиот претседател Доналд Трамп.