Во четири града во Австралија денеска излегоа илјадници Македонци за да го кренат својот глас против менувањето на уставното име на нивната татковина Република Македонија и во одбрана на својот македонски идентитет и македонски јазик.

Реки од македонски иселеници на петтиот континент се слеаја во Мелбурн, Сиднеј, Бризбејн и Перт, порачувајќи „Ние сме Македонија. Доста беше“.

„Јас сум Македонец“, „Да си жива и здрава Македонијо“, „Македонија никогаш грчка“, „Името ни е посвето од НАТО и ЕУ“, „Македонија е македонска“, „Човекови права за Македонците“, беа дел од натписите на транспарентите преку кои австралиските Македонци сакаа да им стават до знаење на сите што чувствуваат за родната земја и за сопствениот идентитет.

„Македонија е нашата земја, нашето име, нашиот јазик и нашата култура… сето тоа ни припаѓа нам и на никој друг. Можеби живееме во далечна земја, но нашите корени се длабоко всадени во македонската почва. Никогаш не си предалеку од тоа во твоето срце и затоа се бориме денес од далечната Австралија. Станете за Македонија и за целиот нејзин народ од сите делови на историската земја и бидете горди што имате македонска крв. Да живее Македонија и македонскиот народ! Амин!“, стои во еден од прогласите за денешните маршови на Македонците низ четирите австралиски градови.