Матка е прекрасен локалитет, споменик на природата и културата. Се наоѓа недалеку од Скопје . Тоа е еден од највеличествените предели во Македонија. Страните на клисурата се вертикални карпи, што се креваат стотици метри нагоре. Врз тие карпи, на тешко достапни височини, се кријат древни антички храмови и мали средновековни црквички и манастири.

Матка претставува влез во загадочен и скриен свет. Свет на неповторливи импресии од составот меѓу небото и земјата, за секој посетител.

Кањонот Матка во себе крие една мала Света Гора. Укрепени од вољата Божја, низ вековите, на Матка опстојувале повеќе манастири, цркви и монашки скитови: Св.Богородица, Св.Андреја, Св.Никола, Св.Спас, Св.Тројца, Св.Недела. Тие се „живи“ сведоци за длабоко вкоренетото монаштво предание на овој простор.
Покрај културно историските споменици, Матка ја красат и други нешта. Таа е рај за планинарските спортови. Тука се рекреативци, планинари, алпинисти, качувачи, спелеолози, риболовци и др. Сите тие уживаат во можностите кој таа ги нуди.

Матка е најстарото акумулационо езеро во РМ, се користи за добивање електрична енергија и наводнување. Езерото е порибено и се користи за спортски риболов.

SHARE