Аргентинската фудбалска ѕвезда од Барселона затаил приходи од најмалку 10 милиони евра во периодот 2007. до 2015. година преку двете филијали на Фондацијата за помош на деца во родниот град Росарио, пишува шпанскиот весник ABC. Во Шпанија претставништвата на Фондацијата се регистрирани како јавни организации, а како такви, Министерството за финансии на Аргентина ги исклучило од листата на должници, бидејќи од Фондацијата не известиле за приходи во три последователни години.
ABC тврди дека Фондацијата и филијалите биле употребени како, така наречен, чадор и всушност преку нив се прикривале приходи од приватниот бизнис на семејството Меси со маркетинг правата на напаѓачот.

Врховниот суд во Мадрид веќе го осуди Аргентинецот на 21 месец затвор за даночно затајување, а играчот беше прогласен за виновен за оштетување на државната каса во висина од 4,1 милиони евра во периодот 2007. до 2009. година. Потоа санкцијата беше заменета со парична казна во износ од 252 илјади евра.