Денеска (18.00) во Јане Сандански, МЗТ Скопје ќе го дочека Карпош Соколи со што ќе кулминира кошаркарската сезона кај нас и ќе го дознаеме новиот првак, а тој може да биде и стариот, но и некој што за прв пат би се нашол на вечните листи на кој фигурираат пет имиња на клубови.

Самиот факт што по цели седум години ни се случува мајсторка е крајно позитивен и говори дека на општиот пад на кошарката има интенција за кревање од сивилото што не зафати во последниот период. Да, гледачи нема и жални се сликите од двете убавици од сали во Скопје, но понудата не е лоша и во смисол на квалитет, и во поглед на ривалитет, па и околу неизвесноста.

Алибито на тие што апстинираат од кошарка сезонава дека нема наши играчи за да привлечат, не држи зошто ниту во Шпанија играат саамо Шпанци, ни во Италија им е загарантирано местото на домицилните, ни во Турција на Турците. Тие треба да се изборат, така да растат, да стекнат и знаење, и искуство и минутажа. Но тоа е опсервација за понатака. Сега за проценките пред разврската.

МЗТ Скопје е мал фаворити бидејќи два пати во оваа серија победуваше во својот дом, а има и по еден триумф со најголемиот конкурент во Супер лигата и од Јадранската лига. Но се беше тесно, еден, три, шест разлика и само еднаш поубедливо. Тоа што е притисок врз Аеродормци е што Карпош Соколи во ниту еден миг не се откажа и што како предизвикувач има повеќе мотиви. А тие попладнево, кога ќе започне мечот што на иницијатива на МКФ, ќе го судат турски судии, можат да бидат најважни зошто квалитетот, се уверивме во тоа осум пати сезонава, е тука некаде.

SHARE