Мико до Македонците: Битката за идентитетот никогаш не завршува

Американецот Џејсон Мико, поранешен почесен конзул на Македонија во Тусон, Аризона, неодамна сменет од сегашната македонска Влада, во својата најнова колумна одново апелира до Македонците да не престанат да се борат за сопствениот идентитет.

„Верувам дека идентитетот во однос на етничката припадност и националноста е описен и создаден со текот на времето, во повеќето случаи, подолго време. Колку долго? Не е важно. Мојата цел е да се спротивставам на оние кои тврдат дека Тито ‘ги создаде Македонија и Македонците од воздух’. Тој не го стори тоа. Македонскиот народ постоел како народ, како етничка група и како нација веќе долго време. И јас не сум страшно заинтересиран да расправам за таа тема, бидејќи поентата е таа: сега е 2018 година и македонскиот народ, идентитетот и сè што е македонско се нападнати. Сегашната влада на Македонија размислува на многу краток рок: три месеца, шест месеци и девет месеци кога би требало да размислуваат во смисла на 30 години, 60 години и 90 години. Зошто? Затоа што ако Владата на Македонија ги задоволи грчките барања, тогаш во следните 30, 60 и 90 години македонскиот идентитет ќе почне да исчезнува. Грците и меѓународната заедница знаат дека ова е вистина – тој идентитет може да исчезне со текот на времето. Овој очигледен факт, се чини, не го гледаат Зоран Заев и членовите на неговата влада или, ако го гледаат, тие намерно го ‘забораваат’ или го тргаат настрана, наместо тоа фокусирајќи се на ‘славата’ со која ќе ги посипе Меѓународната ако ‘го решат проблемот’, што е неверојатно краткорочно размислување, залудно, а исто така и нечесно.

Вистината е дека идентитетот – идентитетот на која било етничка група или нација – мора да се брани и да се бориш за него цело време. Тоа е постојана битка и никогаш не завршува. Тоа. Никогаш. Не. Завршува. Но, вреди да се бориме бидејќи Македонија и македонскиот идентитет се вредни за борба. Особено денес и во ова време на инстант комуникации, технологија и луѓе-идиоти кои постојано трубат ‘Јас сум граѓанин на светот’, кога тоа не е законски можно или дури ни пожелно, од витално значење е сега, повеќе од кога било, да го браниш името и идентитетот.

Не сум тука за да расправам или дури да се вклучам во дебата за Александар Велики. Тука сум за да ги одбранам македонското име и идентитет денес, во сегашноста и во иднината. Сега сакам да ги видам децата во Македонија – и оние што уште не се раѓаат – како растат знаејќи дека се Македонци, дека зборуваат македонски, што значи македонската култура за нив и многу повеќе и сите ние треба да ја пренесуваме вистината од една генерација на друга“, пишува Мико во својата колумна „Името на Македонија, идентитетот и краткорочното размислување“, објавена на блогот „Медиум“.