Мико: Историјата нема да биде љубезна со Заев

Loading...

Џејсон Мико, Американец од Аризона што продолжува да ја брани македонската кауза и покрај тоа што Владата на Зоран Заев неодамна го смени од функцијата почесен конзул на Република Македонија во Тусон, во својата најнова колумна „Предвидување, апсурди и авијација“ на блогот „Медиум“ констатира дека проблемот со Грција не може да се реши без жртвување на Македонија и на сè што претставува таа.

„Грчкиот весник ‘Катимерини’ објави дека грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас ќе ја направи долго очекуваната посета на Македонија в четврток, 22 март. Весникот, исто така, објави дека ‘само неколку дена пред министерот за надворешни работи Никос Коѕијас да замине за Скопје се надви сенка врз текот на преговорите за решавање на спорот за името меѓу Грција и Поранешна Југословенска Република Македонија, откако се дозна дека неговиот колега Никола Димитров, наводно, ја опишал позицијата на Грција за време на неговите контакти со претставници на Европска унија дека се граничи со ‘апсурд’. Според дипломатски извори, изјавите на Димитров не беа примени добро во Атина, при што официјалните претставници го оспоруваа пристапот на властите во Скопје во врска со преговорите’.

Се разбира, грчките позиции се апсурдни. Секоја земја која бара друга земја да ги промени своето име, идентитет и сè друго што ја прави уникатна е апсурдна од самиот почеток. Тоа е, исто така, детско, неуко, опасно, глупаво, и, едноставно, бесмислено. Можеме само да се надеваме дека Димитров има морален ‘рбет за да застане и да каже ‘Доста е!’. Целата оваа епизода во историјата на Македонија е срам и не ја води земјата никаде, наместо тоа, всушност, ја враќа назад.

Други извештаи наведуваат дека Коѕијас ќе донесе „нацрт-договор од 20 страници’ со ’55 параграфи’.’Катимерини’, исто така, забележува дека овој предлог содржи ‘пет предлози за името, истакнувајќи дека словенската верзија би била подобра’ и дека ‘Атина инсистира на тоа дека промената на Уставот на земјата е услов за решение’, прашање околу кое Зоран Заев продолжува да танцува. Други извештаи наведуваат дека Заев се надева оти целото прашање може да се реши до летото, доста далеку од неговиот исказ пред само неколку недели дека целото прашање ќе се реши до март. Ова, едноставно, го покажува недостигот на искуство и разбирање на Заев, што не е добро за Македонија.

Од другата страна на Атлантикот, во САД, еден мој пријател истакна дека вечерта на наградите на американскиот Хеленски институт во Вашингтон претходно овој месец беше забележано дека недостига една важна работа: обраќања до Македонија. На вечерата на грчко-американската заедница се зборуваше за Грција, хеленизмот, грчката дијаспора, проблемите со Турција, но, чудно, ништо за Македонија. Од краткото видео може да се слушне како зборуваат за сите овие нешта, но ако Македонија навистина е толку важна и драгоцена за нив, би помислиле дека тие ќе ја  наведат како еден од проблемите со кои се соочува Грција и би помислиле дека барем еден од нив би рекол ‘Ние сме Грци и ние сме Македонци’. Наместо тоа, молк на Грците. Од што се поставува прашањето: колку им е важна Македонија? Или е сето тоа шум? Ние знаеме дека во времиња кога таканаречениот проблем со името не е пред и во центарот на очите на јавноста, се чини дека тие не се грижат толку многу за прашањето е, дали тие навистина се грижат за сето тоа? Или ова е само можност за нив да се удрат в гради и да рикаат кон Месечината?

Конечно, ова последново има многу врска со погорното. Последната влада на Македонија направи многу грешки, но таа исто така оствари и многу добри нешта. Да почнеме со тоа што таа сфати дека прашањето за името е – ајде да бидеме искрени – нерешливо, ако Македонија не е подготвена да се откаже од своето име, идентитет, историја и многу повеќе. Додека последната влада вети дека ќе се приклучи на НАТО и на ЕУ (и беше првата политичка партија што го направи тоа, долго пред СДСМ да го стори), таа не можеше да види дека по секоја цена – постојат, и покрај тоа што го велат Заев и Димитров, црвени линии. Во секој случај, бидејќи последната влада не беше подготвена да ја продаде душата на Македонија, таа се фокусираше на други работи – како што е економијата. Да, тоа беше далеку од совршено, но таа направи многу работи како што треба, а само еден пример е намалувањето на невработеноста во текот на годините. Друга беше и во туризмот и во авијацијата. Минатата недела на вебсајтот ‘Екс-Ју воздухопловство’ јави дека ‘Аеродром Скопје предвидува да се справи со два милиона патници до оваа есен, со што првпат ќе успее да постигне таков пресврт во рок од една година’.

Зошто мислите дека е така? Дали е тоа затоа што (1) лидерите имаат чувство да инвестираат во нов аеродром, да доведат нови авиокомпании и да ги промовираат туристичките можности на Македонија во светот? Или тоа е затоа што (2) владата некогаш на власт (и сега на власт) не стори апсолутно ништо. Ако се решите за под број 1, честитки, вие сте победник! Се разбира, јас сум саркастичен тука, но го правам тоа за да направам важна поента: Заев и неговата влада, залулана во соништата од признанијата од меѓународната заедница и од замислената грандиозност ако таа го реши проблемот со името, ја спроведува смртта на Македонија каква што ја знаеме и ефемерен сон. Прашањето не може да се реши без жртвување на Македонија, на нејзиното име, идентитет и сè друго што претставува Македонија (освен ако Грција не се откаже од своите апсурдни ставови). Може да се реши само со бришење на Македонија и или и Заев го знае тоа и не му е гајле, или не го знае, што значи дека нема право да биде премиер. Во секој случај, тој го потроши речиси целиот свој политички капитал на оваа тема за сметка на други прашања со кои се соочува Македонија. И за таа индискреција историјата нема да биде љубезна кон него“, пишува Мико во својата колумна.