Милион евра од Чешка за Македонија како помош за мигрантите

Дваесет и пет милиони круни, односно околу 985.000 евра, издвои Чешка како помош за Македонија во справувањето со проблемите со мигрантите, соопшти чешкото Министерство за внатрешни работи.

Средствата ќе бидат испратени директно до Македонија или преку европски влади и меѓународни организации, а се наменети за поддршка на процедурата за азил и за заштита на границата.

Сумата за Македонија е една третина од 75 милиони чешки круни што ќе бидат веднаш проследени, од кои 40 милиони за помош на сириските бегалци во Јордан, а десет милиони за бегалците од Сирија на Средниот Исток.

За годинава Чешка издвои вкупно 150 милиони круни како поддршка за државите погодени од мигрантската криза.

„Иако ситуацијата се смири и миграцискиот притисок врз ЕУ е намален благодарение на мерките што ги преземаат ЕУ и нејзините земји-членки, но проблемите со миграцијата не можат да се сметаат за решени“, изјави чешкиот министер за внатрешни работи Лубомир Метнар.