Loading...

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски спротивно на својата партија која се огради, преку видео порака од својот профил на „Фејсбук“ даде поддршка и го најави сопственото присуство на утрешниот семакедонски протест за името и за идентитетот во Скопје.

„Утрешниот протест за зачувување на идентитетот и на уставниот суверенитет на Република Македонија, доколку биде достоинствен и мирен, без разлика што е зимно време, може да ѝ биде и од помош на државата, без разлика кој раководи со неа. Јас ќе присуствувам на тој протестен собир и ќе имам можност да бидам како еден чесен, родољубив граѓанин на Република Македонија, дел од луѓето што сметаат дека треба да бидат присутни на овој протест. Дали некој сака да присуствува или не сака, може или не може, тоа е лична работа, но мислам дека како граѓани, како нација, како народ, добро е да покажеме дека имаме став. Борбата ниту ќе почне утре, почнала многу одамна, ниту ќе заврши тука. Ќе ни треба многу мудрост, визија, трпение и аргументи. Сепак, најмногу од сè, ќе ни треба слога. И во името на таа национална слога, јас ќе ја дадам мојата поддршка за утрешниот протест“, порача македонскиот министер за надворешни работи од 2006 до 2011 година.

Партијата на Милошоски, кој беше член на нејзиниот Извршен комитет од 2005 година до декемврискиот Конгрес во Валандово, денеска објави дека не е организатор, ниту стои зад протестот закажан за 18 часот пред Мисијата на Европска унија во Скопје.