Милошоски: „Сопот“ е почеток на амнестија за убиствата на Смилковското езеро

Главната задача на СЈО е да штанца нарачани обвиненија против политички неистомисленици од ВМРО-ДПМНЕ, за да му помогне на господинот Заев, да спроведува нарачани платформи, со создавање на коалиција со партии кои ја поддржале платформата од Тирана, изјави денеска на прес конференција Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

–Првата работа што сакам да ја нагласам е дека денеска па до крајот на мандатот на СЈО, ќе гледаме дека оваа институција работи како партиска подружница на СДС. Главната задача на СЈО е да штанца нарачани обвиненија против политички неистомисленици од ВМРО-ДПМНЕ, за да му помогне на господинот Заев, да спроведува нарачани платформи, со создавање на коалиција со партии кои ја поддржале платформата од Тирана. Сметаме дека ваквото однесување на СЈО е на штета на интересот на граѓаните на Македонија, но во корист на господинот Заев за да се дефокусира јавноста од главниот проблем во оваа држава, а тоа е правење коалиција со партија која што е поразена на изборите и правење коалиција на штета на интересите на Република Македонија. Наместо да се разговара на таа суштинска тема и плаќањето на висока и многу скапа цена за интересите на Македонија, а со цел Заев од аболициран за криминал да стане претседател на Владата на Република Македонија, СЈО ќе нарачува обвиненија и ќе поднесува обвиненија, за да го оттргнува вниманието на македонската јавност, тоа ќе биде улогата на СЈО денеска и улогата на СЈО во следните месец дена, изјави Милошоски.

Тој кажа дека од денешниот прес на СЈО се забележуваат две цели, првата за притисоци врз судството, а втората да се издејствуваат политички пресуди договорени во некој коалиционен или политички договор.

–Од пресот на СЈО се забележуваат две цели. Првата цел е најава за притисок врз судството, отворена политичка најава за силен притисок врз судството, кој што ќе следува во наредниот период. Втората цел, преку таквиот притисок кон судството да се издејствуваат судски пресуди, кои што се веќе дел од некој политички или коалиционен договор.

Таквата најава денеска СЈО ја соопшти, преку споменувањето на случајот Сопот. Договорот е преку судски пресуди, издејствувани со политички притисок, да се ослободат обвинетите од случајот Сопот, за кој што веќе има пресуда, дека не извршиле некакво убиство или друго незаконско дејствие. Со самото тоа ќе се отвори врата за спроведување на другите договорени политички пресуди кои се однесуваат на случајот Монструм и убиените малолетници за време на велигденските празници и случајот Диво Насеље, поврзан со терористичката група која што дејствуваше во Куманово. Сите овие пресуди за жал се дел од политичкиот пазар, помеѓу господинот Зоран Заев и партнерите кои што дадоа поддршка за платформата од Тирана и најверојатно на крајот господинот Заев очекува, со ваквото дефокусирање на јавноста преку СЈО, да се стигне и до ослободителна пресуда за случајот Поткуп, каде што е лично инволвиран тој и целата македонска јавностимаше можност да види за каков случај се работи. По однос на самото дејствување на СЈО, поврзано со имотот и недвижностите на ВМРО-ДПМНЕ, кои што се преточени во нашите општински комитети, изјави Милошоски.

Тој потсети дека ваквото оденсување на СДСМ не е некоја новина, бидејќи и во минатото институции кои биле под капата на СДС, носеле одлуки против ВМРО-ДПМНЕ како партија.

–Само ќе потсетам дека однесувањето на СДС преку институции кои што се под нивна контрола, против ВМРО-ДПМНЕ, ова не е и некоја новина. Можеби за оние што знаат подобро, ќе потсетам дека во 2002 година, Уставниот суд имаше одлука токму по иницијатива на СДСМ, да се забрани политичките партии да купуваат или продаваат имот во моменти кога тогашното ВМРО-ДПМНЕ имаше одреден имот купен од сопствени донации. Испаѓа дека СЈО се грижи за имотот, донациите само на ВМРО-ДПМНЕ, а заштитени бели мечки во државава се партии како СДСМ, ДУИ, Беса и другите политички партии кои што формираат коалиција за поддршка на платформата од Тирана. Според ова се гледа дека СЈО е политичка продолжена рака на СДС и очекуваме притисокот во следниот период да продолжи на ист начин, но како партија сме единствени и спремни да дејствуваме на соодветен начин против ваквите притисоци, изјави Милошоски.

SHARE