Митревски најефективен голман на Европското ракометно првенство!

Loading...

Никола Митревски останува најефективен голман на 13. Европско првенство за ракометари во Хрватска и по денешниот натпреварувачки ден.

Номинално вториот чувар на мрежата на македонската репрезентација има 42 проценти успешни интервенции, запишувајќи 28 одбрани од 66 упатени удари на неговиот гол во четирите средби досега на шампионатот. Половина од тие одбрани тој ги забележа само во второто полувреме од последниот дуел со Шпанија, кога имаше ефект од 47 отсто.

Втор на листата е Венсан Жерар од Франција со 40 проценти (55 одбрани од 136 удари), а со 38 отсто третото место го делат Микаел Апелгрен од Шведска (42/110) и Мартин Галија од Чешка (33/88).

Првиот македонски голман Борко Ристовски е 19. во оваа конкуренција со 29 проценти одбранети удари (28/95).

Митревски е при врвот и според одбранетите седмерци со 40 проценти (2/5). Пред него се само Жерар (4/8) и Бјоргвин Пал Густавсон (3/6), двајцата со по 50 отсто успешност, како и Вјачеслав Салдаценка од Белорусија со 43 отсто (3/7).