Мицкоски има добро чувство за собранието, не и за менување на идентитетот

Loading...

По двочасовната средба со премиерот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека за пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието, потребно е таа да биде 100 отсто комплетирана. Тоа значи ослободување на пратениците осомничени за тероризам во врска со нападот на Собранието на 27 април.

„Прашањето е од математичка природа. ВМРО-ДПМНЕ не може комотно да се чувствува во Собранието и не може да работи некомплетна, без 12% од пратениците. Меѓупартиски работни групи до крајот на идната недела треба да постигнат консензус по многу отворени прашања, меѓу кои и тоа опозицијата да се чувствува комотна во парламентот. Политички терор е тоа што го чувствуваат нашите пратеници во притвор и е негативна и девијантна појава“, рече Мицкоски.

Тој инсистира на пуштање од притвор на Василески, Мукоски, Арнаудов, Тарчуловски и уште двајца пратеници во куќен притвор.

На прашањето, пак, како може Заев да ѝ влијае на судската власт во однос на инсистирањето да се пуштат од притвор пратениците осомничени за учество во нападот на законодавниот дом на 27 април лани, Мицкоски одговори: „Не знам што може да направи премиерот и што може да направи судската власт, но за да се чувствува комотно опозицијата, тоа е во рацете на власта“.

Мицкоски изјави дека со Заев го договориле стариот модел на комплетирање на ДИК, претседателот на комисијата да го предлага опозицијата, а мнозинството да го има власта.

Дополнително со премиериот е договорено наскоро да бидат именувани испразнетите места во ДИК.

Мицкоски на Заев му пренесол дека опозицијата нема да се согласи на промена на името и идентитетот.