Мицкоски ја обвини владата за пиши-бриши дипломатија (ВИДЕО)

Во синоќешното гостување во „Само вистина“ на Канал 5, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека по лидерската средба, неговата партија е тотално изолирана, а за преговорите за името тој дознавал од медиумите.

Метафорично беше кажано дека прашањето на името ќе биде одговорност на владата, кој разбра разбра, рече Христијан Мицкоски и додаде дека „Владата тоа си го сфати здраво за готово, и до овој момент не не информирала што се случува на таа лидерска средба. До денеска сведоци сме на многу изјави на многу медиуми, имаме пиши-бриши интервјуа и политики, дипломатија“.

Од еднаш кажано едно, после кажано друго, рече Мицкоски, не знаеме што се случува, а сепак се одлучува за нашата држава, се одлучува за најгорливото прашање, за најемотивното прашање за граѓаните на оваа држава.

Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ има јасен и принципиелен став дека нема да прифати промена на Уставот на Република Македонија со цел промена на уставното име, но дека има ист став со СДСМ дека за промена на името ќе треба да се одржи референдум.