Како во народната изрека „круша под круша паѓа“, лидерот на грчката опозиција Кирјакос Мицотакис ни за јота не отстапува од тврдите позиции кон Македонија на неговиот татко, некогашниот премиер Константинос Мицотакис, порачувајќи дека без интервенција во македонскиот Устав не би ни разговарал за името на северниот сосед.

„Ако тие не сакаат да го променат нивниот устав сега, ние како партија нема ни да отвориме дискусија“, изјави претседателот на Нова демократија во интервју за неделникот „Политико“ дадено за време на безбедносната конференција во Минхен миантиов викенд.

„Тоа треба да биде договор во пакет. Сите прашања треба да бидат решени истовремено. Овде не станува збор само за името, станува збор за иредентизам, станува збор за промени во учебниците… на крајот на краиштата, станува збор за промена на нивниот устав за да се обезбеди дека што и да се договори ќе биде рефлектирано во уставна промена“, го објаснува својот став Мицотакис на страниците на весникот со седиште во Брисел, кој се занимава со европски прашања.