Мичел: САД ќе помогнат, но најдобро сами да се договорите со Грција

Помошникот-државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел, денеска од Скопје порача дека неговата земја ги поддржува Македонија и Грција во надминувањето на разликите за името и ќе продолжи да помага во тоа, но најдобро е двете земји сами да дојдат до договор за речиси тридеценискиот проблем.

„САД се анагажирани и ќе продолжат да бидат ангажирани во процесот. Од минатите искуства научивме дека треба да нагласиме оти тајмингот и природата на нашата улога мора да одговараат на нашите интереси, но и да се бориме за сите заеднички интереси како на Балканот, така и пошироко. САД и јас сме посветени на овој процес. Препознаваме дека единствено решение е она кое двете земји самите ќе го постигнат“, изјави Мичел по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев.

„Договорот меѓу двете страни, меѓу мене и премиерот Ципрас, како и меѓу Коѕијас и Димитров, е дека секој документ што ќе дојде од која било страна, а би бил од помош за конечно решение, е вреден за разгледување. Важно е тоа што доаѓа од медијаторот, поради тоа што и двете страни сме согласни дека процесот мора да продолжи под раководство на ОН, оти и на двете страни ни треба процесот да биде верификуван во ОН. Во секој случај, секоја помош од пријателите е добредојдена“, изјави Заев.

Наследникот на Викторија Нуланд од Скопје заминува за Белград, а спорот меѓу Македонија и Грција ќе биде една од темите на разговор со неговите домаќини и в четврток во Атина.