МНР: Остра осуда за ракетните напади од Хутите врз Саудиска Арабија!

Во очекување на официјална реакција од македонското Министерство за надворешни работи за денешната одлука на Русија за реципрочни мерки против земјите што решија да протераат руски дипломат(и), меѓу кои и Македонија, втора вест на вебстраницата на МНР по таа за денешната средба за името во Виена е вчерашно сооштение со следната содржина:

„Република Македонија остро ги осудува ракетните напади од страна на Хутите врз градови во Саудиска Арабија, кои се случија на 25-ти март 2018 година.

Ракетните напади врз Саудиска Арабија претставуваат флагрантно кршење на меѓународното право и ја загрозуваат регионалната и меѓународна безбедност. Овие напади, кои ги поткопуваат напорите на новиот специјален претставник на Генералниот секретар на ОН за Јемен, треба веднаш да престанат“.

МНР на Русија денеска ги повика шефовите на дипломатските мисии на државите што протераа руски дипломати, на кои им беа врачени протестни ноти и изјави дека на нивните мерки ќе биде одговорено соодветно од руска страна, односно ќе бидат протерани онолку дипломати колку и тие руски. Меѓу земјите што се опфатени со оваа контрамерка во соопштението од руското МНР е спомената и Македонија, чиј единствен дипломат во амбасадата во Москва во моментов е амбасадорот Гоце Карајанов.