Денес и утре Федерика Могерини, заменик-претседател на Европската комисија и висок претставник на Унијата за прашањата за надворешни работи и безбедносна политика, и Јоханес Хан, европски комесар одговорен за проширување, ќе учествуваат во неформалниот состанок на министрите за надворешни работи во Софија, соопшти Европската Комисија.

Денеска ќе се одржат работни сесии посветени на Сирија, Западен Балкан и Северна Кореја.

На 28-те министри, како што јавуваат бугарски медиуми, утре ќе се приклучат и петте министри за надворешни работи од земјите-кандидатки за членство: Албанија, Република Македонија, Србија, Турција и Црна Гора.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, вчера во Софија беше на потпишување на Протоколот за размена на документите за ратификација со што стапи во сила Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија потпишан од премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, лани на 1 август.

Димитров беше примен и од бугарскиот претседател Румен Радев и имаше средба и со премиерот Бојко Борисов.