Можна поделба на Македонија, анализираат атински медиуми

Колку ќе биде тешко да се најде взаемно прифатливо решение за името најдобро се гледа по неверојатно субјективниот пристап во информирањето на грчката јавност од дел од грчкиот печат кој продолжува систематски да објавува лажни вести и анализи за Македонија и покрај подобрување на дипломатските односи меѓу двете земји.

Грчкиот интернет портал difernews.gr анализира дека земјата која што во Кралството Југаославија се нарекувала Вардарска Бановина според реката Вардар може повторно да се подели по истите принципи на кои била поделена во втората светска војна од страна на Албанија и Бугарија.

Според грчкиот медиум од 1945 година во земјата ништо не е променето. Земјата сеуште е населена од Албанци и Бугари а во неа се гради псевдо – македонски идентитет кој што не е прифатлив за Албанците.

Според difernews.gr Македонија веќе не е корисна и неопходна за САД. Албанија е член на НАТО , ист е случајот со Бугарија а Србија се повее се врти кон западот. Затоа сега потребата од „бафер“ земја е минимална и затоа Американците немаат проблем да ја поделат меѓу соседите на проблематичната држава која што е во постојана криза и етничка поделба.

Според атинскиот портал досега Грција била против поделбата на Македонија за да не дозволи засилување на Албанија и Бугарија но и поради тоа што во случај на поделба и Атина ќе го бара регионот околу Битола каде што наводно живеле околу 200 илјади Грци кои што не се признати како национално малцинство а се преброени од грчките тајни служби.

Според difernews.gr силите во Скопје кои што сакаат независна држава имаат само еден сојузник а тоа е Грција. Поради тоа тие мораат да ги прифатат грчките предлози кои што наскоро ќе ги добијат во детали затоа што нивното одбивање може да значи поделба на државата.

Според грчкиот портал Скопјаните ќе мора да одлучат сами што сакаат да бидат „Проблем кој што ќе биде избришан од картата или западна земја со поддршка од Грција“.

Доколку овој крајно навредлив текст е нарачан или одобрен од грчките тајни служби и политичари кои со децении работат на влошување на односите меѓу двете земји, за што има шпекулации меѓу атинските новинари, ситуацијата е алармантна.

Во тој случај мисијата на новата македонска влада да најде взаемно прифатливо решение за името со Атина, дури и со отворена поддршка на САД е потешка од невозможна.

SHARE