Молиер пристигнува на „Широк Сокак“

Ансамблот на Битолскиот народен театар вечерва ќе ја изведе премиерата на претставата „Дон Жуан“ на Молиер, во режија на Андреј Цветановски, кој вторпат работи со актерите од Битолскиот театар.

– Во Битола научив што е театар и затоа ми е драго што повторно режирам тука, овој пат со млада актерска екипа. Новина во овој проект е тоа што работиме класика, која е многу битна за секој репертоар, а битолскиот театар секогаш го актуализира прашањето за еден железен репертоар, кој е многу битен за квалитетна публика – истакна режисерот Цветановски.

Тој додаде дека на сите ни е потребен Дон Жуан како дух затоа што, како што рече, сѐ повеќе животот го живееме за другите, а сѐ помалку за себе. Најголемата одлика на Дон Жуан, рече, е тоа што животот го живее за себе.  Играат актерите: Дамјан Цветановски во улогата на Дон Жуан, Сергеј Димовски, Борис Чоревски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Борче Ѓаковски, Сандра Грибовска, Петар Спировски …

SHARE