Москва признава дека Русија го губи Балканот во свој интерес

Еден од највлијателните руски весници московска „Правда“ во својата анализа за Русија и Балканот прашува дали на Москва навистина и е потребен регионот.

Според весникот Кремљ одбил да направи сериозен обид да ја спречи Црна Гора да влезе во НАТО, во Србија не се обидела да му помогне на прорускиот кандидат за претседател а критичарите ја обвинуваат Русија и за неактивност во Грција, Македонија и Бугарија.

Според Правда Москва покажала мал интерес за регионот иако западот тврди дека Русија стоела зад обидот за државен удар во Подгорица. Москва не се возбудила многу ниту во Србија каде што премиер е американски агент, претседателот Вучиќ има прозападни  ставови а владата отвори министерство за европски интеграции.

Новиот бугарски претседател Радев според Правда е про-руски настроен но неговата победа не беше сигнал за да влезе во стратешка битка за поголемо влијание во земјата. Слични се и односите со Ципрас кој уплашен дека Германија може да ја уништи финансиски Грција замина по помош во Москва но не доби ништо од таму.

Големи емоции Москва не покажала ниту кон Македонија каде што „Албанските партии ги истуркаа од власт словенските сили ориентирани кон Москва“.

Според Правда тоа се факти кои што докажуваат дека Русија прави стратешко повлекување од Балканот.

Причините за тоа според весникот се долготрајните, исцрпувачки конфронтации со западот за регионот во кој ситуацијата секогаш е многу конфузна, каде што сите се едни против други и каде се испреплетуваат интересите на многу фактори и сили. За Русија обидот да биде дел од „бурето барут“ е многу скап и опасен. Земјата која што веќе ја има Украина и Сирија на својот грб нема ресурси за Балканот и затоа идејата за повлекување од таму се оправдува.

Според весникот, за Русија најдобро е да биде надворешен набљудувач на Балканот и да остави на ЕУ, САД и исламскиот свет да ја решаваат судбината на регионот во обидот да добијат влијание во „подрумот полн со барут“.

Во рамки на ЕУ има две сили кои историски се блиски со Балканот, Германија и Австрија кои што регионот гледаат како свое предворје кое го владеело пред 100 години. За Виена регионот е важен и затоа што преку Словенија може да излезе на море.

Другиот важен играч на Балканот е Турција смета весникот и „нема сомнеж дека Ердоган планира да ги врати позициите на Отоманската империја таму чекор по чекор“.

Во целина Балканот  е „осило“ за кое се борат неколку лакоми животни. Англо  – Саксонците (САД и Британија) ќе се обидат да ја искористат ситуацијата за да ја манипулираат битката меѓу Австријците и Германците против Турците за Балканот. Тие не сакаат мир, Вашингтон и Лондон ќе сторат се за да обезбедат продолжување „Балканизацијата“ на Европа, заклучува рускиот весник, кој често пати преку своите текстови ги најавува  руските стратешки позиции за важни прашања.