Фејсбук страницата на весникот Neos Kosmos (Нов свет) кој се дистрибуира во грчката дијаспора, доби неколку пораки од разочарани возачи од градовите Мелбурн и Џилонг, Австралија.

На неколку места на автопатот биле закачени транспаренти со навредлива содржина и на кои пишувало „Грците се  Турци“.

На еден од нив дури бил нацртан и пенис врз грчкото знаме, пишува весникот според кој останува нејасно кој ги поставил транспарентите кои „навредуваат многу австралиски граѓани од грчко потекло“.

Транспарентите се појавиле веднаш по собирот одржан на 25 февруари, организиран од пан-македонското здружение Мелбурн и Викторија, на кој Грците од Австралија изразиле несогласување „ПЈРМ да добие сложено име што ќе го содржи зборот Македонија“, пишува Neos Kosmos.

Собирот, првично планиран за 4 март, се одржал надвор од грчкиот Конзулат во Мелбурн, за да се изврши поголем притисок сега кога се интензивираат преговорите.

Првиот митинг, се одржа на 21 јануари (кога беше и големиот митинг во Солун – н.з.) поттикнат од организација со назив „Македонија е грчка – група за човекови права“.

На 4 март, како што дознава „Expres.mk“, е најавен протест на македонската заедница од Мелбурн и Викторија пред парламентот на Викторија, а во одбрана на македонското име и идентитет.