Наместо во Македонија, 10.000 работни места ќе се отворат во Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека во централна Србија доаѓа автомобилски гигант што ќе вработи повеќе луѓе отколку што се вработени во Рударско-топилничарски басен „Бор“ или во железарницата во Смедерево.

Тој рече дека не може да каже за која компанија станува збор, но таа нема да вработи помалку од 10.000 луѓе.

Српските медиуми вчера објавија дека станува збор за компанија со приход сличен на бруто домашниот производ на Хрватска, која треба да отвори погон за производство на компоненти за електрични автомобили во централна Србија. Се лицитира со имињата на автомобилските гиганти „Мерцедес“, „БМВ“, „Фолксваген“, „Дајмлер“, но ниту една од нив досега се нема огласено.

Гигантот избирал меѓу 15 земји од Источна Европа, во финалниот избор се нашле Македонија и Србија, за конечниот избор да падне на северниот македонски сосед.

Вучиќ изјави дека невработеноста во Србија паднала од 25,9 проценти на 11-13 отсто, зависнои од периодот во годината, кога има сезонска работа. Просечната плата во декември била 465 евра.