НАСА ќе плати 1000 милијарди долари за пат до Марс

Астронаутите на НАСА можеби ќе поминат повеќе од една година околу Месечината пред агенцијата да ја започне својата мисија до Марс. На годишниот состанок „Луѓе на Марс“ во Вашингтон, Грег Вилијамс од дивизијата за пилотирано истражување на вселената на НАСА откри детали за планот на агенцијата да испрати луѓе на Црвената планета. Овој план се состои од две фази – првата вклучува пилотирани летови до просторот околу Месечината, за да се создаде ново живеалиште, каде ќе живеат астронаутите, истражувачки модул, извор на енергија и воздушен портал за докинг со вселенски летала. Месечевата станица ќе има и своја роботска рака со делумни автономни функции по примерот на „Canadarm2“ на Меѓународната вселенска станица. Оваа фаза на проектот треба да се случи меѓу 2018-та и 2026-та година.

Ако се помине според планот, НАСА ќе даде зелено светло за втората фаза во 2027-та година. Таа ќе започне со испраќање на „Deep Space Transport“ (DST) бродот во просторот проследен со екипаж, кој ќе остане околу Месечината за година. Самиот лет кон Марс е предвиден за 2030-та година и треба да биде извршен со веќе споменатиот брод DST. Пред секоја од овие фази да стане реалност, НАСА треба да ја заврши работата на ракетниот-носач „Space Launch System“ (SLS), со кој ќе бидат испратени кон Месечината предметните стоки.

Според Паскал Ли – директор во НАСА – овој проект може да го чини човештвото над 1 трилион долари за следните 25 години. Оваа бројка е пресметана откако се земени трошоците за програмата Apollo – 24 милијарди или 197 милијарди долари по денешните курсеви со пресметување на инфлацијата. Спроед Ли, планот за испраќање луѓе на Марс е многу посложен и ќе бара од 10 до 100 пати повеќе средства. Постојат предлози кон НАСА (од самиот Баз Олдрин) да ја предаде Меѓународната вселенска станица во приватни раце и на тој начин да се заштедат 3,8 милијарди годишно од поддршка, но од каде ќе се најдат останатите стотици милијарди, сѐ уште не е јасно.

SHARE