“Национален интерес“: Владата во Приштина со претензии кон Скопје

Најверојатните партнери на Рамуш Харадинај во новата косовска влада имаат територијални претензии кон Црна Гора, Македонија и Србија , тврди американскиот магазин „Национален интерес“ во својата анализа за последиците од зголемениот албански национализам кој ќе биде заеднички именител за владеачките партии на Косово.

Влијателниот конзервативен американски медиум вели дека  левичарското движење „Самоопределување“ кое освои 27  % од гласовите е порадикално и од екс командантите на УЧК Тачи и Харадинај што може да предизвика сериозни проблеми во регионот.

Предходно негови членови предизвикуваа сериозни инциденти меѓу кои и фрлање солзавец во Собранието на Косово кога се носеа одлуки за смирување на тензиите со Македонија и Србија, пишува „Национален интерес“ кој во текстот под наслов „Враќање на старите кошмари: Повторно вриење на Балканот“, потсетува и на фрлени молотови коктели за време на демонстрации во Приштина.

 

 

Во идната влада на Косово, предвидува американскиот автор Тед Гален Карпентер  има радикални елементи кои што се противат на договорот за границата со Црна Гора а во исто време сметаат дека имаат право на голем дел од територијата под контрола на Подгорица, Белград и Скопје.

Според „Национален интерес“ голем дел од овие радикали сакаат спојување на Косово со Албанија кое заедно со другите територии од Македонија, Србија и Црна Гора би ја формирало „Голема Албанија“ што е стара цел на косвските радикали кои што сега ќе бидат дел од владата.

Магазинот во врска со овие закани од Косово потсетува на предупредувањата од Белград дека доколку Албанците започнат анексија на Косово тоа ќе доведе до војна.

Според американските експерти за медиуми „Национален интерес“ е про -конзервативен, про – републикански медиум кој што и покрај високото ниво на објективност и точност користи стереотипи и предрасуди за да ја промовира конзервативната политичка идеја.

SHARE