Loading...

Нашиот алпски скијач Антонио Ристевски не ја заврши првата велеслаломска трка и воведниот настап на Зимските Олимписки игри во Пјонгчанг. 29 годишниот скопјанец во Јонгпијонг центарот остана без пласман и сега ќе се обиде во слаломот в четврток да го оправда своето трето учество на најголемите собири. Инаку победник во првата техничка дисциплина во Јужна Кореја е Австриецот Марсел Хиршер пред Норвежанецот Кристоферсон и Французинот Пинтуро.

На подиумите се искачија 6 нови олимпиони како победници од истиот број на дисциплини во пет спорта. Норвежаните блескаа па нивната машката крос кантри штафета 4 пати по 5 километри триумфира пред спортистите од Русија и Франција, а во машкиот слоупстајл најдобар беше Ојстејн Братен кој и донесе ново злато на Норвешка притоа зад себе оставајќи ги Американецот Гепер и Канаѓанецот Бејли-Маршанд. Во истиот спорт, но во дисциплината Аеријас најдобар беше Украинецот Олександр Абраменко, а веднаш до него се поставија Кинезот Жонг јанг и Русинот Буров.

Француската химна се интонираше во чест на Мартин Фуркад кој победи во машкиот бијатлон долг 15 километри, а покрај него во свечениот миг беа и Германецот Шемп и Норвежанецот Свендсен. И конечно во единствената финална трка денеска во брзото лизгање, а станува збор за натпревар во женска конкуренција на 500 метри славеше Нао Кодаира од Јапонија пред Корејката Ли Санг-хва и Каролина Ербанова од Чешка.