Најава за глобален судир и македонскиот избор – Драган Милосављевиќ

Еден, се надевам, добронамерен момак ми напиша дека му изгледа како да пишувам со пиштол на слепоочница. Еве обид да му одговорам и нему и на другите заинтересирани. Да порачувам читај отворено и притоа читај меѓу редови е сепак навреда слична на неговата, па ќе се воздржам…

Спротиставеноста меѓу Русија и групата западни земји предводени од САД се зголемува повеќе од една деценија, но во последните месеци состојбата ескалира и веќе, ова не е само фраза, можеме да боруваме не за нагласена нетрпеливост, туку за отворено непријателство.

Москва е свесна дека се наоѓа во понеповолна позиција и се обидува(ше) да ги намали тензиите, повикувајќи се на здравиот разум и на заедничките интереси кои големите сили, без разлика на антагонизмот, сепак ги имаат.

Западот сака конфронтација и затоа напаѓа, а Кремљ делува реактивно, односно одговара на ударите во онаа мера во која мора да одговори иако, барем декларативно, упорно се обидува да глуми желба за пријателство во обид колку што е можно да ги одолговлече работите и да купи уште малку време пред, се чини, неминовниот директен судир.

Притоа, не мислам дека судирот ќе прерасне во светска војна затоа што и покрај обилните докази за спротивното, ми се чини дека на сите клучни позиции во сите администрации и генералштабови сепак одлуките го носат луѓе со здрав разум и основно чувство за преживување, кое, послушаш не боже, сите ќе не спаси од апокалипсата на глобалниот тресок.

Но работите, објективно, одат само на лошо. Британија успеа да пронајде повод за почеток на ескалацијата во еден релативно бениген инцидент со труењето на извесен двоен агент (Скрипал) кој со ќерката Јулија се нацрта на вистинско место во вистинско време за да ја одигра улогата на својот живот.

Нема потреба да се навлегува во сржта на самиот инцидент бидејќи веќе на никој не му е гајле за некогашниот офицер во руската ГРУ кој седел на некаква клупа во егзотичниот Солзбери и на ќерка си и расправал за убавините на англиската слобода, туку сега сите очи се вперени во премиерката Тереза Меј чиј што настап во британскиот парламент официјално го означи почетокот на општата офанзива на западната коалиција против источниот колос.

Британија протера 23 руски дипломати а прашање на ден е кога САД и над 20 европски земји ќе го сторат истото (Тајмс), што би бил потег без преседан дури и во времето на Студената војна, дополнувајќи ги веќе постоечките санкции за различни руски компании и официјални лица кои наводно учествуваат во рускиот обид за дестабилизација на воспостановениот поредок.

Нема дилема дека Русија ќе одговори реципрочно (Песков) и нема дилема дека времето за смирување на страстите е одминато, а секој нареден потег од која било страна ќе значи уште поголемо забраздување во бездната чие дно се уште не можеме да го видиме во целата негова злокобна големина.

Во таа и таква состојба Русија на своја страна ја има недоречената Кина, дел од некогашните држави на СССР, Иран и со пола уста останатите членки на БРИКС.

Од другата страна се САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Британија и сакала неќела цела ЕУ, а без соммевање на овој западен групен гешефт поддршка ќе му дадат и Јапонија, Јужна Кореја, веројатно Мексико и огромната иако осакатена Украина.

Другите ќе се штурат, вртат, потцупнуваат и ќе гледаат да бидат сајлент Боб колку што се може, за да не им бодат очи на џиновите кои си ја мерат силата во калта замесена од амбиција, алчност и желба за глобална доминација.

За Македонија

Не треба да се биде особено талентиран пророк за да го погодите изборот на Македонија, затоа што избор воопшто и нема.

Ние сме од оваа страна на барикадите, за жал блиску до линијата на првиот фронт и „милом или силом“ ќе бидеме на страна на стратешките партнери, а против словенскиот и православен брат.

Тоа е така и воопшто не е важно што со фактичката состојба не се согласуваат не баш мал број припадници пред се на македонската и српската етничка заедница во земјава, иако, мора да се признае, не можам да го разберам ниту славодобитното ликување на групацијата НАТО и ЕУ фанатици која, иако помала по број, сепак е стратешки распоредена на сите битни позиции од кои се наметнуваат дискурси и наредби и од кои се контролира јавното мислење.

Значи, воопшто не е битно што на нашето учество во „војната“ против Русија му се радуваат ограничените умови или што поради истото плачат оние кои имаат потреба да веруваат во правда и морал. Не, важна е фактичката состојба како таква и свеста за последиците по нашето здравје и живот кои, „будимо сигурни“, ќе се случат.

Притоа, добро е што политичката елита ( тажно звучи кога ќе кажеш елита за овие, знам) во власта и опозицијата се обидува да игра разумно, логично и внимателно, давајќи ја декларативно поддршката на сојузниците без притоа да се навреди руското достоинство и чест.

Светот влегува во драматичен период, ние мораме да преживееме, а победникот, кој и да биде, секако на крајот ќе побара отчет и ќе ги испорача сметките за сојзуништвото или непријателството што сме ги изеле и испиле. Во тоа можеме да бидеме сигурни.

*Текстот е преземен од Фејсбук профилот на авторот со негова дозвола