Европското ракометно првенство вчера започна со победи на домаќинот Хрватска, Исланд, Франција и Белорусија, а продолжува денеска со средбите во групите Ц и Д во кои сме и ние. Од 19.30 во Загреб не очекува воведниот натпревар од четвртата конкуренција против Словенија која е носител на бронза од последното Светско првенство и тој во голема мера може да го одреди нашиот пат по ова премрежие.
Ние со Раул Гонзалез на клупата и со комплетен состав сме повеќе од солидни, тие со Веселин Вујовиќ и неколкумина отсутни со многу квалитетни. Словенија е мал фаворит, но во основа ова е најизедначената двојка на стартот на Еврошампионатот.
„Свесни сме за квалитетите на противникот, а наша цел е да одговориме на свој начин, ние да го наметнеме нашиот стил на игра и да го диктираме темпото цели 60 минути. Добри се на сите позиции, а особено на бековскиот центар“ рече крилото Гоце Георгивески
„Имаат проблеми со отсутните ракометари, но остануваат подеднакво опасни како и доколку беа комплетни. Ако треба да се издвои главна опасност, таа сигурно ќе доаѓа од Миха Зарабец и Марко Безјак, двајцата средни бекови“ ги посочи главните алки во составот на противникот голманот Борко Ристовски.
Денеска на ЕП, Макеоднија игра со Словенија (19.30) во Загреб, а на истото место претходно Германија се среќава со Црна Гора (17.15). Во групата Ц во Вараждин двојките се Шпанија-Чешка (18.15) и Данска-Унгарија (20.30).