На сè повеќе видни Бугари им „харесва“ името „Нова Македонија“

Случајно или не, дури три изјави со идентична содржина од видни личности во Бугарија во период од 24 часа добија гласност околу името на западниот сосед, а заеднички именител им е прифатливоста на предлогот „Нова Македонија“.

„Најдобро за Бугарија е новото име на Македонија да биде Нова Македонија“, изјави европратеникот Ангел Џамбаски при одбележувањето 145 години од смртта на Васил Левски пред неговиот споменик во Ловеч.

Според заменик-претседателот на софиското ВМРО, за Грција прашањето не е за името на Македонија, туку „тоа е нејзината маска, нејзината битка против Македонија, за да не се отвори прашањето за составот на населението во, како што го нарекуваме ние Бугарите, Беломорието“.

„Нова Македонија“ ѝ се допаѓа и на Ана Кочева од Бугарска академија на науки (БАН).

„Варијантата ‘Нова Македонија’ изгледа прифатлива“, изјави во интервју за „Монитор“ експертката од Одделот за бугарска дијалектологија и лингвистичка географија во Институт за бугарски јазик при БАН. „Нова Македонија е име што добро би ѝ прилегало на младата република, која што, макар и тешко, но веќе тргна по демократскиот пат на развојот. Несомнено дека ќе ѝ биде тешко да се раздели со минатото, со манипулациите направени со сеќавањето, идентитетот, јазикот, историјата, но ако напорите се искрени и конзистентни, тоа ќе се случи. Ете, на пример, Договорот за добрососедство со Бугарија е сигурен индикатор за ова“.

На иста бранова должина е и Красимир Узунов, политички аналитичар и сопственик на новинската агенција „Фокус“.

„Лично за мене, најдобрата варијанта би била Македонија да стане Нова Македонија. Но, како ќе се вика јазикот, кој треба да се нарекува новомакедонски?“, изјави Узунов за Бугарско национално радио (БНР), додавајќи дека тоа име, сепак, „во Грција со сигурност нема да прифатено по оној митинг што го направија“.