На што конкретно мислиме кога зборуваме за „идентитетот“? – Колумна на Катерина Колозова

Пишува
Катерина Колозова

Има неколку реалности со кои мора да се соочи македонската јавност за да се подготви за промената на името како уставна промена. Имено, таа промена ќе мора да биде erga omnes бидејќи ова отсекогаш бил основниот предуслов на Грција и поради него (односно, поради непостигнувањето на тој предуслов) до сега ги има отфрлено сите официјални предлози.

Интересно е да се напомене дека од наша страна сите биле прифаќани, вклучително и во 2008 кога се случил последниот официјален предлог. Грција го одби и тој предлог, незадовална од „опсегот на употребата“ (читај: erga omnes). За нас ова е тешко прифатлив услов бидејќи автоматски подразбира уставна промена.

Зошто erga omnes подразбира уставна промена? Затоа што не постои друг механизам да ги натераме сите сто и кусур земји што нѐ признале под уставно име, да нѐ прекрстат и да донесат поинакви одлуки. Тоа на билатерално ниво нема право никој да го бара ниту да го наложува, па ни на мултилатерално: доколку ѝ испратите молба на Кина да вѐ нарекува поинаку таа тоа барање може слободно да го игнорира. Обединети нации, исто така, не можат ништо слично никому да наложат.

Затоа, единствениот начин решението автоматски да важи за „цел универзум,“ е впишување на промената во Уставот. Ова е многу болна одлука за целата нација и за елитите што ја предводат, па затоа е нужно да се биде отворен за неа.

Постојат две стратегии: или да се одбие erga omnes условот, или да се прифати но по цена на одредени значајни отстапки од грчката страна.

Отстапките што мора да ги направи грчката страна треба да се однесуваат на делови од пакетот или директните барања поставени од грчка страна што го засегаат идентитетот. Еве што значи тоа конкретно. Користењето на придавката во сите можни форми, вклучително за именување на јазикот и етничката припадност на мнозинската заедница, не смее да го определува Грција.

Исфрлањето на овие теми надвор од пакетот, или, поточно, да се каже „не“ на грчките претензии да го регулираат користењето на придавката, може и треба да биде главниот предуслов за какво да е еrga omnes решение. Под „пакетот“ не мислам само на оној на Нимиц туку и на оној што се создал како резултат на билатералните директни разговори. На него го додавам и посебниот пакет за придавките, акронимите и сл. на Коѕијас.

Доколку правото на придавката остане нечепнато, вклучително и правото на секој трет јазик да го транслитерира или преведува според сопствените лингвистички правила (на пример, Англичаните да си го преведат Macedonian наместо да кршат јазик со makedonski), доколку можеме јазикот и етносот да си ги наречеме „македонски“, помалку е важен називот на државата. Во тој случај, нејзиниот назив, erga omnes или не, не менува ништо драматично во однос на идентитетот.

Затоа, кога министерот ни објаснува дека „идентитетот“ е она што го брани, треба да ни каже што конкретно брани. Според мене, клучната конкретна работа што може да се одбрани и да се избегне идентитетска закана е правото на придавката, односно нејзино потполно исфрлање од преговорите бидејќи таа го засега именувањето на јазикот и именувањето на етничката припадност. Значи, не зборувам за националност во смисла на nationality (националност од некои разбрана како „државјанство“), туку за етничката припадност.

Како што веќе споменав, придавката е централна тема на оној елабориран предлог на Коѕијас а е дел и од предлогот на Нимиц кога станува збор за називот на јазикот. Идентитетските теми може да бидат заштитени само по пат на отфрлање на предлогот за придавките (акронимите и сѐ слично) на Коѕијас (кој не е дел од предлогот на Нимиц, но ние не разговараме само за тој предлог туку течат и директни билатерални разговори или преговори).

Ние упорно повторуваме дека не разговараме за овие теми и дека тие излегуваат надвор од логиката на времената спогодба, но ова на другата страна ѝ е неважно, исто како што не ѝ е важна пресудата од Хаг. На ЕУ и НАТО, исто така, не им е важна пресудата од Хаг, па ниту тоа дали Нимиц излегол надвор од својот мандат или дали Коѕијас ги пречекорил неговите граници. Она што овие организации ги интересира е да седнат двата соседа и да се разберат што им предизвикува чувство на загрозеност, што е изворот на спорот и да го решат првенствено билатерално а не под диктат на ОН.

Затоа, сега кога времето на преправање истече, треба да се признаат идентитетските загрижености на двете страни, и да се дадат предлози како да се надминат. Нашите се сведуваат на загрозеноста на употребата на придавката и, со тоа, именувањето на јазикот и етносот. Грчките, очигледно, се однесуваат на Антиката. (Листата е подолга, а јас ги издвојувам најважните.)

Ова може да се реши единствено ако придавката се исфрли како тема на преговарање или ако се договориме дека не постои исклучивост во користењето, вклучително и како бренд име. Оваа отстапка мора да ја направи Грција. Ние може да декларираме откажување од какви било претензии кон грчката и македонска Антика, и тоа би била нашата отстапка на идентитетски терен. Овие решенија, секако, мора да се формулираат во посебен документ кој може да биде во форма на билатерална спогодба меѓу двете земји.

Сметам дека доколку Македонија даде одговори на некои од стравовите на грчката страна, како оној од иредентизам или речиси паничниот страв од посегање по она што го сметаат за сопствена историја (Антиката), и доколку се заштити нашето право на именување на сопствениот јазик и сопствената етничка припадност – со други зборови, доколку Коѕијас ги повлече своите детални предлози во однос на придавката – дека на двете страни ќе им стане помалку важно како се вика државата.

Кога ќе се соочиме со темите што се кријат зад имињата или именувањето и кога ќе се постигне некакво разбирање, самото именување, или контролата врз именки и придавки, ќе стане помалку важна, и тоа за двете страни. Од овие причини, не треба да се плашиме да разговараме на идентитетските теми туку да се соочиме со нив директно, да се постигне што е можно поголемо ниво на разбирање и тоа да се формулира во засебен документ. Засебноста на документот треба да гарантира дека предлогот на Нимиц нема да допре ниту една друга тема освен називот на државата, а особено не именувањето на јазикот.

Затоа, кога се зборува за одбрана на идентитетот, треба да се биде многу конкретен што е тоа. За мене, тоа е употребата на придавката, именувањето на јазикот и ограничувањето на предлогот на Нимиц само на називот на државата и ништо повеќе, особено ако се согласиме на erga omnes (и со тоа, промена на Уставот). А мислам дека за да се постигне договор, нема друга можност освен да се согласиме. Ова е условот во крајна инстанца на Грција за какво да е решение и отсекогаш бил.

Ако е сега „да се биде или не“ за македонското национално самоопределување, клучот е во придавките – и во една именка која произлегува од правото на придавката, а тоа е онаа што се однесува на етничката припадност „Македонец/Македонка“ – а не во називот на државата.