Недела е одличен ден кој може да го посветите за месење на пита за појадок или вечера. Во овие летни денови ви нудиме еден одличен рецепт за пита со спанаќ или зелје, блитва со сирење.

Состојки:

-800 гр брашно

-1 лажица шеќер

-1 лажица сол

-1/8 свеж квасец (5 гр)

-5 лажици зејтин

-1 лажица оцет

-400-500 мл млака вода

За премачкување :

-250 гр омекнат маргарин

Фил:

-800 гр спанаќ

-300-400 гр сирење

-3-4 јајца

-сол по вкус

Подгтовка:
Од сите состојки за тестото замесете меко тесто и оставете го да одмори 15 минути. Потоа поделете го на 2 дела, едниот малку поголем.Прво развијте го поголемиот дел во тенка кора и премачкајте ја со 100 гр маргарин. Кората се засекува зракасто, но не до центарот и се преклопуваат парчињата едно преку друго да се добие кружна форма со повеќе слоеви.

Вака спремената кора ставете ја во фрижидер.Повторете ја постапката и со втората кора и оставете ги околу 30 минути во фрижидер. Во меѓувреме подгответе го филот.Спанаќот исечкајте го и ставете го во загреана тава со малку масло малку да се издинста. Кога е готов тргнете го од огнот, додадете го издробеното сирење, јајцата и посолете ако има потреба.

Земете ја првата кора и расукајте ја правоаголно, малку поголема од плехот каде ќе печете, и ставете ја во подмачканиот плех. Ставете го филот рамномерно по целата површина. Потоа расукајте ја втората кора и ставете ја одозгора. Од крајчињата на првата кора направете витка и исечете ја питата на парчиња. Се пече во загреана рерна на 250 степени околу 5 минути, а потоа се намалува на 220 и се пече додека не порумени.