Панајотис Сгуридис, заменик претседател на грчката националистичката „Независни Грци“, побара референдум за прашањето за името на Македонија, јавуваат грчките весници Нуз 24 и „Параполитика“.

Сгуридис изјавил дека партијата, инаку помалиот коалициски партнер во владата на премиерот Алексис Ципрас,  нема да гласа име кое ќе го содржи зборот „Македонија“, и додаде дека „предлогот на Независни Грци е името „Централна Република на Балканот“.

Тоа е неутрално име, но со извесна динамика во однос на другите земји од регионот, изјави Сгуридис за солунското радио Фокус 103,6.

Доколку на референдумот грчкиот народ одлучи нешто поразлично, „Независни Грци“ ќе ја прифатат одлуката.

Тој за радиото уште додал дека референдумот може да се организира откако двете земји ќе постигнат спогодба, која доколку не биде изгласана од Парламентот, може да биде подложена на сеопшто изјаснување.