Независни Грци со цврсто „Не“ за „Македонија“ во името

„Ние како Независни Грци не се согласуваме со било какво име што ќе го содржи терминот „Македонија“ или изведени зборови. Тоа е позицијата на Независни Грци изразена уште од првиот ден. Оваа позиција е јасна е и не се менува“ повтори портпаролката на партијата на лидерот Панос Каменос која е во коалиција со владејачката СИРИЗА на премиерот Алексис Ципрас.

Изјавата во име на партијата доаѓа по минатонеделната посета на шефот на грччката дипломатија, Никос Коѕиас“ во Скопје, но и по изјавата на премиерот Ципрас кој на дописничката на МИА од Брисел ѝ и посака идниот пат да ја претставува „Горна Македонија“.

Предлогот на слеано име ГорнаМакедонија кој наводно бил содржан во нацрт спогодбата од Коѕијас и забелешката на Ципрас беа протолкувани како знак дека Атина е подготвена за сложено име во кое ќе биде содржан и терминот „Македонија“.

Две анкети кои викендов ги објавија „Катимерини“ и „Прото тема“ покажуваат дека 71,7 односно  74,5 отсто од Грците не се согласуваат со име за северниот сосед во кое би бил вклучен терминот Македонија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, портпаролката на Независни Грци, рече дека уставните промени и иредентизмот се главните точки во преговорите, додека пак запрашана за тоа дали според неа ќе се постигне договор и ќе стигне во грчкиот Парламент, Пападопулу вели дека не ѝ изгледа дека е лесно за „Скопје да го прифати она што го бара грчката страна“.