Некој не може ниедно, некој има имиња 5, колумна на Горан Момироски

За момент да ги оставиме на страна сите правни и политички аргументи кои што ги имаат Македонија и Грција во спорот за името.

Да ја занемариме повелбата и правилата на Обединетите Нации кои што велат дека на ниту една земја не смее да и се наметнува поинакво име од тоа што го одбрала или да и се натура име за нацијата и јазикот освен тоа што го избрала.

Да ја турнеме под тепих и пресудата на Меѓународниот суд на правдата која што со одлука на судиите од 15 спрема 1 вели дека Македонија со ништо не ја провоцирала Грција, а притоа во пресудата се пресметани и името на аеродромот и други чекори на Скопје кои што за Атина се чист иредентизам.

Да го заменариме и прекршувањето на времената спогодба од 1995 година која што е потпишана (иако не е ратификувана) од страна на Грција.

Еве да се направиме „на Тошо“ и за ембаргото кое што предизвика огромми штети на македонската економија а негова цел беше да се уништи државната творба на север од Солун.

Значи, се да заборавиме што се однесува на меѓународни обврски на „лулката на демократијата“ и да се фокусираме на обично здраворазумско човечко расудување и да се запрашаме како е можно една земја во 21 век да има 5 имиња а другата, првиот сосед, да не може да го користи ниту тоа едното што го има како аманет.

Република Грција во моментов за меѓународна и внатрешна употреба користи 5 имиња: Republic of Greece, Elada, Helas, Helenic Republic, Eliniki Dimokratia и никогаш никој не и забележал за тоа.

Тоа е право на секоја држава и народ и дури и кога некому може да му заличи на синдром на поделена личност (држава) тоа е во ред, затоа што тоа е право дадено со сите меѓународни стандарди и конвенции.

Проблемот е што покрај овие 5 Грција сака да го има и правото на користење и на шесто име кое што веќе го користи друга земја. А другата земја нема ниту едно друго име освен Македонија.

Што друго има да се додаде на ова, има ли воопшто место да се разговара на оваа тема, за прашањето дали Македонија има право да се нарекува како што сака и како да се нарекуваат нејзините граѓани, односно дел од нив.