На една од најоптоварените линии на автобусите на ЈСП, од населбата Хиподром до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, веќе нема да возат двокатни автобуси.

Наместо покрај „Жена парк“ и сегашната постојка спроти Културно-информативниот центар и старата „Градска болница“, автобусите со број „50“ повторно ќе поминуваат низ подрумот на Градскиот трговски центар, каде не можат да влегуваат двокатни автобуси.

„Ја враќаме оваа линија на местото каде што традиционално припаѓа. Го враќаме стариот дух на градскиот трговски центар со намера да го заживееме онаков како што го знаеме од времето кога Скопје беше полно со радост“, изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Идејата на градоначалникот е можеби во ред, меѓутоа дискутабилно е колку е практична, за оние кои секојдневно се возат со овој автобус: Испуштено е од вид, се чини, дека нископодните украински автобуси кои ќе мора да сообраќаат „под“ ГТЦ имаат многу помал број на седишта и места за стоење од двокатните кинески, што е многу битно за оние кои „50“-та ја користеа да стигнат до работно место.

Сегашната постојка спроти КИЦ е многу попогодно место за слегување за граѓаните, наместо подрумот во ГТЦ од каде нема ни прописен тротоар за оние кои немаат желба баш секој ден да го посетуваат ГТЦ за да му го „враќаат духот“ и со лифт или по скали да се качуваат за да излезат на дневна светлина.

Многумина ја користеа 50-ка и како многу попогодна варијанта да се стигне до клиниката „Св Наум Охридски“ (старата Градска болница) и до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ каде што практично е невозможно да се паркира автомобил.

Конечно, возењето низ лавиринтот под ГТЦ ќе биде малтретирање и за патниците, но и за возачите на ЈСП…