(Не)пријатели на Македонија – Колумна на Роберт Димитриевски

Loading...

Светски македонски конгрес му додели почесна титула „македонски сенатор“ на Џејсон Мико, донеодамнешен почесен конзул на Република Македонија во Тусон, во американската држава Аризона. Неодамна Обединета македонска дијаспора ѝ врачи признание „македонско пријателство“ на Маријана Петир, хрватска европратеничка, основач и до скоро шеф на групата Пријатели на Република Македонија во Европски парламент.

Што ги поврзува двајцата, освен што со години лобираат за македонските национални интереси? Заеднички именител им е шут-картата од Владата на Зоран Заев, која по кратка постапка ги разреши, како никогаш да не мрднале со малиот прст за Македонија и за Македонците.

Наспроти ова, министерот за надворешни работи Никола Димитров вчера промовира нова група пријатели на државава во домот на претставниците на европските граѓани, на чело со холандскиот европратеник Ханс ван Бален. На инаугурацијата присуствуваа и докажани пријатели на земјава, како бугарските европратеници Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски, кои минативе неколку години од уста не ја вадеа Македонија, поттикнувајќи ја на севозможни реформи, а најмногу на свеста на нејзините граѓани за заедничкото минато како влог во светлата иднина во среќното и обединето европско семејство. Чуму тогаш злите јазици прашуваат дали наскоро новиот круг пријатели ќе биде проширен и со европратеници од Златна зора, кои се уште позаслужни за промоцијата на Македонија, според економската логика дека и негативната реклама е реклама?

Откачувањето на едни и истовременото закачување други со истото очекување да лобираат за евроатлантската интеграција на Македонија го наметнува благопријатното, ем благонадежно сознание дека држава со толку многу пријатели не треба да се грижи за својата иднина. Всушност, и треба да се грижи оти со новиве уште утре ќе ги отвориме замандалените железни порти на НАТО и на ЕУ, па ќе се најдеме во чудо вакви неподготвени и задремани по 13 години во чекалницата на политичко-економскиот сојуз и десет во таа на воениот.

А Мико, Петир и другите „прошетани“? Е па на нив, очигледно, не мислеле сегашните креатори на македонската надворешна политика кога со години пред да дојдат на власт мантраа за „нашите пријатели од Брисел и од Вашингтон“. Впрочем, првиот е од Тусон, втората од Кутина…

Освен тоа, тие потсетуваат на омразениот претходен режим, на заробената држава, што е доволна причина сега, кога дојде животот, кога се отворија сите пори на општеството и тоа првпат по 11 години задушување диши слободно и со полн капацитет на белите дробови, нема место за вакви анахрони елементи. Доста им се признанијата од Мето и од Тошо (не Малерот). Оти Цацко пред да стане советник за односи со јавност некој изгледа сериозно го сфатил кога во скечот со Климе по неговото давење извика од кајчето: „Дајте друго дете!“. И ден денес сите се смеат на случката, иако давењето само по себе не е за смеење. Баш како што не е за смеење ни ова сега со пријателите на жална Македонија.