Првиот снег што го окова поголемиот дел од Македонија, па и опомената во текот на вчерашниот ден кога на дел од средбите од 21. коло немаше елементарни услови и се играа под снег и кал, ја натера ФФМ да ја откаже рундата која беше предвидена за среда 28 февруари и истата да ја премести за недела на 4 март.

Всушност ФФМ со ова го преместува целото фудбалско првенство бидејќи се, па и крајот се пролонгирани за еден термин, па целиот шампионат сега ќе заврши на 20.мај.

Интересно е што сето ова се случува само една седмица по Собранието на ФФМ, на кое „на големо“ се зборуваше за создадените услови на натпреварување, и тоа не само во сениорска конкуренција, а брзо потоа, практично на првиот снег, ги одложуваме сите активности. Тоа очигледно говори за неподготвеност на ФФМ и на клубовите да ги исчистат терените, да се организираат за нивната единствена дејност, играње фудбал.