„Ние сме Македонија“ со видео „Стоп за законот за двојазичност“

Глобалното движење „Ние сме Македонија“, организатор на десетици протести на Македонците на три континенти и во земјата од почетокот на годинава, излезе со видео насловено „Стоп за законот за двојазичност“.

Македонки од разни страни на светот (Австралија, Италија, САД, Словенија, Шведска) во него зборуваат за службениот јазик во државите во кои живеат и работат, правејќи паралела со Македонија и со нејзините соседни земји.

„Повлекување на противуставниот закон за јазици од понатамошен процес во Собранието на РМ“, е второ од петте барања на движењето во декларацијата поддржана со над 26.000 потписи на change.org.

Другите барања на „Ние сме Македонија“ се прекин на разговорите со Грција за разликите за името, организирање попис, неменување на статусот на МПЦ-ОА и интензивирање на грижата за Македонците во соседните држави.

„Доколку Владата на Република Македонија не е способна да го стори горенаведеното, тогаш повикуваме на итно самораспуштање на Собранието на Република Македонија и организирање на непосредни избори, каде што и на македонските граѓани од дијаспората ќе им бидат овозможени свои претставници во новиот парламентарен состав, според принципот на пропорционалност“, стои во декларацијата.